Викендов во Софија се одржи 16. Македонска книжевна визита, која се организира од издавачката куќа „Макавеј“ од Скопје, во соработка со Македонскиот културно-информативен центар. Шеснаесеттото издание на оваа значајна манифестација ја продолжува својата мисија – афирмација на современата македонска литература во Бугарија и продлабочување на соработката меѓу македонските и бугарските писатели. Се одржаа следните програмски содржини: заедничко читање македонска и бугарска поезија, со учество на најистакнати имиња на поетската сцена од двете земји, книжевен портрет на истакнатиот македонски автор Јовица Ивановски и посета на куќата за литература и превод во Софија.

Во изминатите петнаесетина години во Софија беа одржани 15 успешни изданија на Македонската книжевна визита, на која учествуваа деведесетина македонски поети, научници, писатели и публицисти (Матеја Матевски, ак. Гане Тодоровски, Ташко Георгиевски, Луан Старова, Али Алиу, Митко Маџунков, Мето Јовановски, Драги Михајловски, Ристо Василевски, Катица Ќулавкова, Илија Велев, Ангелина Бановиќ – Марковска…), како и редица врвни бугарски писатели, есеисти, преведувачи и публицисти.

Досегашните изданија беа извонредно позитивно примени и во бугарските и во македонските литературни кругови. Исто така, голема јавна верификација доби и гестот на „Макавеј“, кој на МКИЦ во Софија му подари речиси 3.000 книги за збогатување на библиотеката. Својата генеза оваа манифестација ја има во речиси петнаесетгодишната соработка на „Макавеј“ со бугарските издавачи и писатели, што придонесе за преведување и објавување над педесет македонски автори во Бугарија. Издавачката куќа „Макавеј“ континуирано остварува успешна соработка со повеќе издавачки куќи од Софија и како резултат на таа копродукциска соработка се пласирани книгите од македонски автори во Софија, преведени од македонски на бугарски јазик.