ЕУ го напушта принципот на еднаквост: Париз и Берлин воведуваат директориум на моќните
- Македонскиот премиер Мицкоски по средбите на самитот во Тиват со Макрон и Мерц очигледно го доби впечатокот за претстојната длабока реформа во Унијата… Дека навистина „големите тешкаши“ имаат концепт за преструктурирање на блокот, со кој, меѓу другото, би ги бајпасирале малите земји членки на Унијата и нивните вета, за поефикасно да го преземат кормилото на европската надворешна политика, но во која насока?
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски донесе парче оптимизам од самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, по неговите клучни средби со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Но, воедно, тој оптимизам отвора нови предизвици и за самата ЕУ, за уделот на Унијата на меѓународната сцена, но, следствено на тоа, и за рефлексиите врз нашата земја.
Оптимизмот на дуото М и М (Макрон и Мерц)
Додека дел од јавноста го толкуваше ова како нов зрак надеж за македонските евроинтеграции, а другите се обидуваа да ја одгатнат дилемата на што се темели ваквото значајно парче политички оптимизам при сѐ уште блокиран евроинтегративен процес, тежиштето на оптимизмот со кој зрачеше дуото М и М (Макрон и Мерц) беа всушност реобликувањето на европската дипломатија под нивна палка и подготовките во блокот за нешто многу поголемо. Имено, Париз и Берлин веќе ја преземаат палката во одлучувањето. Нивната намера е јасна: да се бајпасираат опструкциите од помалите земји членки на Унијата, кои со своите условувања и внатрешнополитички калкулации директно им штетат на стратешките и европските цели на блокот.
Угледниот економски весник „Фајненшел тајмс“, повикувајќи се на петмина високи функционери, веќе ја обелодени оваа иницијатива. Според нивните информации, Франција и Германија, заедно со уште неколку влијателни земји членки, сериозно размислуваат за радикална реформа на дипломатската служба на Европската Унија. Главната цел е да се унапреди и забрза реакцијата на ЕУ на дразбите од глобалните геополитички кризи. Според весникот, во овие „дискретни дискусии“ веќе на маса се ставени реорганизацијата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и целосната прераспределба на овластувањата меѓу институциите на ЕУ и самите земји членки.

Кратење на крилјата на Каја Калас и крај на „емотивната“ дипломатија
Повеќе од јасно е дека оваа иницијатива во суштина претставува „тивок дипломатски пуч на традиционалните тешкаши во ЕУ“. Поттикнати од војната во Украина, на која ѝ се наѕира крајот, разорната криза на Блискиот Исток во која Унијата е маргинализирана, како и имајќи ги предвид сè покомплицираните трговски и политички односи на Брисел со САД и Кина, европските тешкаши како што се Париз и Берлин отворено се фрустрирани од бавноста, неодлучноста и бирократската неефикасност на ЕУ.
Меѓу радикалните опции што се разгледуваат се и сериозно преиспитување и стеснување на надлежностите на новата висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Познато е дека Каја Калас, поранешната премиерка на Естонија, дојде на чело на европската дипломатија како најистакнат претставник на таканаречените „јастреби“ – земјите од Источна Европа што бараат максимално тврд и бескомпромисен став кон Русија.
Меѓутоа, Франција и Германија брзо сфатија дека нејзиниот фокус е речиси ексклузивно насочен кон источниот фронт. Сега, преку „кратење на надлежностите“ на Калас, Париз и Берлин сакаат да спречат надворешната политика на целата Унија да биде заложник на емотивните, историските и билатералните сметки на балтичките земји. Старите членки сакаат по секоја цена да ја вратат големата реалполитика на масата – систем во кој тие, како нуклеарни и економски сили, ќе одлучуваат кога, како и под кои услови ќе се преговара за глобалниот мир или за проширувањето, а не Брисел или Талин. Тука се всушност и причините за оптимизмот на Макрон и Мерц, што веројатно го почувствувал и нашиот премиер Мицкоски, што се разбира никако не е случајност.
Дипломатски код: Кога квадрилатералата одлучува, малите членки на ЕУ ќе слушаат
Не е никаква тајна дека Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) со години функционира како кабаста и трома бирократија. Таа исклучително тешко носи одлуки бидејќи постојниот систем бара апсолутен консензус од сите 27 членки, што често доведува до парализа на Унијата – каков што е, на пример, честиот проблем со ветото на Унгарија. Во тој контекст, формулацијата за „зајакнување на улогата на националните министерства за надворешни работи“ е само чист дипломатски код за новото пренасочување на моќта. Пораката е повеќе од јасна, ние, големите, ќе одлучуваме, а малите ќе слушаат.
Наместо Брисел јалово да зборува во име на сите, Франција и Германија планираат да создадат неофицијален „директориум“ на моќните. Кога т.н. квадрилатерала, составена од Германија, Франција и уште две-три силни западноевропски земји, ќе договори заеднички став, тој едноставно ќе се спушти по вертикала како наредба и завршена работа до другите членки.
Геополитичката реалност во 2026 година не трпи чекање и бара итни и брзи одлуки во глобалните динамични промени. Ова што се случува е дефинитивен доказ дека романтичниот концепт „една земја, еден глас“ во надворешната политика на ЕУ дефинитивно умира.
– Се разбира дека постарите земји членки перфидно ќе го искористат аргументот на глобалната криза за да го преземат кормилото во свои раце. Нивниот јавен наратив е дека малите земји едноставно немаат капацитет, финансиски ресурси, ниту геополитичка одговорност да водат глобална политика. Во превод: бидејќи најголемиот финансиски и воен товар паѓа директно врз Париз и Берлин, тие ќе го бараат и ексклузивното право на клучниот збор. Оваа суштинска пуч-реформа јасно покажува дека Европската Унија брзо се трансформира од заедница на еднакви држави во блок предводен од отворена хегемонија на најмоќните – велат аналитичарите.
Антиципација кон новите трендови во ЕУ, длабока анализа и синтеза за наше резервно сценарио
Ова е и нов момент за помалите земји кандидати за членство во ЕУ. Во тој контекст, ова претставува и друга димензија на евроинтегративниот процес за Македонија, а можеби ќе донесе и целосно нова реалност. Тоа значи дека во иднина клучните преговори за нашиот статус и деблокада нема да се водат во Брисел со еврокомесарите или низ лавиринтите на европската администрација. Судбината ќе се крои директно во Елисејската палата во Париз и во канцеларијата во Берлин.
– Одговорот на прашањето дали Македонија конечно ќе престане да биде заложник на билатералните каприци на соседите ќе дојде многу брзо – велат аналитичарите, но треба да бидеме подготвени и за барањата што ќе ги испорачаат Париз или Берлин.
За почеток, се надеваме на принципиелност и рамки на веќе утврдените Копенхашки критериуми.
Парадоксот на Калас – НАТО демантира руска безбедносна закана
Додека шефицата на европската дипломатија Каја Калас постојано заговара непосредна опасност од Русија, воениот врв на НАТО директно ја негира таквата реторика. На воениот саем во Берлин, врховниот командант на сојузничките сили, генерал Алексус Гринкевич, децидно изјави дека, според разузнавачките податоци, Москва не сака директен судир со Алијансата, ниту напад врз Балтикот.
– Внимателно ги проучив разузнавачките податоци. Русија не бара судир – рече генералот Гринкевич.
Тој, сепак, нагласи дека НАТО ја задржува политиката на одвраќање и дека задачата на Алијансата е да спречи какво било сценарио во кое би дошло до напад врз некоја од земјите членки, вклучувајќи ги и земјите на источното крило. Оваа оценка ја потврди и финскиот претседател Александар Стуб, според кого нема никаква логика Русија да го тестира членот 5 од НАТО.
Суштината на овој парадокс е опасна: кога надворешната политика на ЕУ е „окупирана“ и заложник на радикалните наративи на Балтикот, Европа ја губи реалната слика на теренот. Наместо прагматизам, Брисел тоне во фиксација со источниот фронт, поради што не може соодветно, рационално и навремено да одговори на вистинските глобални геополитички предизвици и потреби на новото време. Токму на тоа Берлин и Париз сакаат да му стават крај, преземајќи ја командата со надворешната политика под своја закрила. С.Т.


































