Дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, не била опфатена во плановите за инспекциски надзор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), беше истакнато на денешното продолжение од судењето за трагичниот пожар, пренесе МИА.
Во судницата беа презентирани квартални планови за инспекциски контроли, годишни програми и други службени документи на ДЗС од периодот кога директор бил Шабан Салиу (2012–2017 година). Салиу реагираше на дел од документите, тврдејќи дека потписите на нив не се негови, иако се водат под негово име како директор на институцијата.
Обвинителството посочи дека во 2015 година во Кочани немало назначен инспектор, што, според нив, се потврдува и од презентираните документи за распоред на инспектори и годишни програми. И покрај тоа, истата година инспектори од Скопје извршиле надзор само на еден правен субјект со низок ризик, што обвинителството го оцени како селективен пристап.
Од доказите произлегло и дека во периодот од 2012 до 2014 година инспекциските програми предвидувале контроли на хотели, ресторани и мотели, но не и на кафулиња и дискотеки, меѓу кои и „Пулс“.
На рочиштето присуствуваше и Александар Наунов од здружението „16 Март“, кој оцени дека сведочењата отвораат дополнителни прашања за функционирањето на институциите.
-Денес во судница слушнавме одбрана дека дел од потписите не биле на обвинетиот. Иако на документите стоело неговото име како директор, остана впечаток дека најголемото прашање повеќе не е кој ја водел институцијата, туку кој го држел пенкалото – изјави Наунов.
Тој нагласи дека доколку навистина некој друг потпишувал документи во име на директорот, тоа би укажувало на сериозни системски пропусти и недостаток на контрола во институцијата.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, при што животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата предизвика силна реакција во јавноста и отвори прашања за безбедносните стандарди, инспекциските контроли и одговорноста на надлежните институции.



































