Фото: ТАВ Македонија

Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид се рангирани меѓу најбрзорастечките аеродроми во Европа надвор од Европската Унија, покажува најновата анализа на Меѓународниот совет на аеродромите – Европа (ACI Europe) за април 2026 година.

Според извештајот, Македонија бележи раст на патничкиот сообраќај од 30,6 проценти, што ја позиционира меѓу водечките пазари во Европа кога станува збор за растот на воздушниот сообраќај. Пред неа се само Албанија со 25,3 проценти и Молдавија со 24,6 проценти раст.

Во анализата се наведува дека, за разлика од голем број европски пазари кои бележат пад на патничкиот сообраќај од 7,6 проценти, земјите надвор од ЕУ продолжуваат со силен раст и по закрепнувањето од ковид-пандемијата.

Аеродромите во Скопје и Охрид, со кои управува „ТАВ Македонија“, продолжуваат да поставуваат нови рекорди. Во периодот од јануари до мај годинава преку двата аеродрома патувале вкупно 1.580.932 патници, што претставува зголемување од 31,2 проценти во споредба со истиот период лани.

Позитивен тренд е забележан и кај бројот на летови. Во првите пет месеци од годинава биле реализирани 10.595 летови, што е раст од 9,5 проценти во однос на истиот период во 2025 година.

Резултатите дополнително ја потврдуваат растечката улога на македонските аеродроми во регионалниот воздушен сообраќај и зголемениот интерес на патниците за користење на воздушниот превоз.

– Рекордниот двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај во првите 5 месеци (+31,2 %), во април (+30,6 %), ги позиционира македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките авијациски пазари во Европа и како топ-перформери од западниот дел на земјите надвор од ЕУ. По аеродромите во Скопје и Охрид, се оние во Албанија и Молдавија, исто така со двоцифрен пораст, но под 30 %. Ова е силна потврда дека нашите аеродроми успешно реагираат на зголемената побарувачка за воздушен сообраќај и дека земјата станува сè попривлечна и достапна дестинација. Ова достигнување е резултат на континуирани инвестиции во аеродромската инфраструктура, подобрувања на услугите, маркетинг-активности, успешна соработка со авиокомпаниите и поддршката од Владата. Особено сме задоволни што во време кога многу европски пазари доживуваат стагнација или пад на патничкиот сообраќај, Македонија е позиционирана меѓу европските лидери според порастот на бројот на патници – рече Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Според Оливие Јанковец, генерален директор на ACI Europe, април 2026 година претставува јасна пресвртница за европскиот воздушен сообраќај.

– Иако веќе забележувавме нормализација на растот на патничкиот сообраќај по силното постпандемиско закрепнување, геополитичката нестабилност – особено конфликтите на Блискиот Исток – сега дополнително го забавува растот и открива значителни разлики во перформансите на разните пазари. Охрабрувачка вест е дека побарувачката останува генерално силна, приспособувањата на капацитетот на авиокомпаниите остануваат ограничени, а загриженоста за потенцијален недостиг на гориво за авиони е намалена – истакна Јанковец.

Според анализата на воздушниот сообраќај на ACI Europe од април 2026 година, меѓу најголемите пазари на ЕУ, аеродромите во Шпанија (+3,7 %) и Италија (+2,2 %) ги постигнаа најдобрите резултати, а оние во Германија (-8,5 %), Велика Британија (-2,1 %) и Франција (-0,9 %) забележаа намалување на обемот на патници.

Најдобрите перформанси во ЕУ+ (група што  ги опфаќа земјите од Европската Унија, Европската економска област (ЕЕО), Швајцарија и Обединетото Кралство) ги имаат аеродромите во Словачка (+125,2 %), Словенија (+14,6 %), Естонија (+12,1 %), Малта (+13,5 %) и Полска (+8,3 %).

Заклучокот на ACI Europe е дека – додека средните и малите аеродроми ги надминаа очекувањата, шпанските и холандските центри останаа најотпорни на глобалната геополитичка нестабилност.

Рекордниот двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај, од почетокот на 2026 година ја покажува позитивната насока во развојот на македонските аеродроми, со што се зајакнува позицијата на земјата на европската воздухопловна мапа.