Yuri Ushakov Putin
Фото: ЕПА

Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли тврдењата дека Русија подготвува напад врз НАТО, оценувајќи ги како „намерна провокација“ чија цел е да се оправда зголемувањето на воените трошоци во западните земји.

Во разговор со раководители на водечки меѓународни новински агенции на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Путин изјави дека Русија нема причина да влегува во конфликт со Алијансата.

 – Која е целта на напад врз Европа и борба против НАТО? Тоа не е само бесмислица, туку намерна манипулација за создавање непостоечка закана – рече рускиот лидер, пренесе РИА Новости.

Осврнувајќи се на војната во Украина, Путин нагласи дека руските сили напредуваат по целата линија на фронтот и тврдеше дека Украина се соочува со сериозен недостиг на војници и мотивација за борба.

Тој повтори дека Москва е подготвена за мировно решение и дека условите за прекин на конфликтот веќе се познати на украинската страна и на американскиот претседател Доналд Трамп.

 – Доколку Украина ги прифати неопходните компромиси, конфликтот може брзо да заврши – изјави Путин, додавајќи дека сегашното украинско раководство нема интерес за прекин на војната бидејќи би ризикувало да ја изгуби власта.

Во однос на можните посредници во мировните разговори, Путин оцени дека земјите од Европската Унија не можат да имаат неутрална улога бидејќи активно ја поддржуваат Украина.

 – Посредник мора да биде непристрасен. Земји кои се вклучени во конфликтот не можат да бидат посредници – рече тој.

Путин се осврна и на енергетските односи со Европа, нагласувајќи дека една линија од гасоводот „Северен тек 2“ е целосно функционална и дека испораките на руски гас би можеле веднаш да продолжат доколку постои политичка волја.

Говорејќи за иднината на Русија, тој не даде директен одговор дали ќе остане претседател и по 2030 година, посочувајќи дека во моментов е фокусиран на решавање на клучните предизвици со кои се соочува земјата.