Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека разговорите со државните институции околу ребалансот на Буџетот се во завршна фаза и дека наскоро ќе биде познато каде ќе има кратења, а каде дополнителни средства.
Во интервју за телевизија „Сител“, таа посочи дека одредени институции побарале зголемување на средствата за капитални расходи, особено оние преку кои се реализира финансирањето на проекти во општините, пренесе МИА.
– Сѐ уште не се завршени разговорите со сите министерства. По нивното комплетирање ќе ги анализираме состојбите за да утврдиме каде има простор за намалување на трошоците, а каде е потребно дополнително финансирање. Одредени институции веќе побараа зголемување на ставките за капитални инвестиции – изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека отплатата на постојните долгови се одвива согласно предвидената динамика и дека Министерството за финансии навремено ги обезбедило потребните средства за сервисирање на обврските.
Осврнувајќи се на јавниот долг, министерката рече дека неговото ниво континуирано се движи околу 60 проценти од БДП и дека Владата успешно управува со него. Според неа, задолжувањето не претставува проблем доколку средствата се насочат кон проекти што создаваат економска вредност и поттикнуваат раст.
– Секој нов долг кој се инвестира во проекти со додадена вредност за економијата на долг рок придонесува за намалување на учеството на јавниот долг во БДП – истакна таа.
Димитриеска-Кочоска додаде дека една од нејзините главни цели е идните раководства на Министерството за финансии да не се соочуваат со големи обврски за отплата на еврообврзници во краток временски период.
– Работам на тоа мојот наследник да не биде ставен во ситуација секоја година да обезбедува средства за отплата на огромни еврообврзници. Најголемиот предизвик е што значителен дел од долговите доспеваат во период од само четири години – нагласи министерката.

































