Фото: Маја Јаневска Илиева

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески денеска на брифинг со новинарите порача дека јавните обвинители мора да постапуваат самостојно, без притисоци и со целосна одговорност за предметите што ги водат, нагласувајќи дека финансиските причини никогаш не смеат да бидат пречка за прибирање докази, но оти истрагите треба да се водат економично и ефикасно. Осврнувајќи се на предметот за пожарот во Кочани, тој рече дека не очекува постапката да трае со години и дека обвинителите веќе работат по план за нејзино ефикасно водење, пренесува МИА.

Говорејќи за работата на обвинителството, Савески истакна дека одговорноста е во обвинителите кои непосредно постапуваат по предметите и дека покрај секторот за односи со јавност, пред јавноста треба да одговараат токму оние јавни обвинители кои постапуваат по одредени предмети.

– Сметам дека е важно комуникацијата со јавноста да ја водат конкретните јавни обвинители кои постапуваат по предметите. Во минатото, често за сите предмети говореше јавниот обвинител на државата, но сметам дека посоодветно е тоа да го прават оние што директно постапуваат – рече Савески.

Во однос на постапката со поранешниот вицепремиер Артан Груби, тој вели секој јавен обвинител изготвува истражен план, во кој утврдува кои докази треба да се обезбедат. Савески нагласи дека постапката за него е сè уште во тек, се прибираат докази и истражни дејствија.

– Во овој момент не би навлегувал во конкретни предмети, бидејќи не е соодветно тие да се коментираат јавно додека се во тек. … Во однос на времетраењето на истрагите, законскиот рок е шест месеци, со можност за продолжување, доколку има потреба. Не постои прецизно мерило кога доказите се доволни, тоа е проценка на јавниот обвинител. Во однос на мерките за обезбедување присуство, јавниот обвинител може да предложи, но одлуката ја носи судот. Сакам да нагласам дека јавните обвинители мора да постапуваат самостојно и без притисоци. Моја обврска е да обезбедам услови за нивна независност и професионално работење – нагласи Савески.

Прашан за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дадена во предизборниот период, дека 80 кривични пријави биле чувани во фиока, Савески рече дека нема конкретни информации, меѓутоа, рече, по неговото доаѓање на чело на институцијата наложил контрола и надзор на старите предмети во сите обвинителства.

– Ниту барам ниту очекувам јавните обвинители да постапуваат по предмети затоа што некој ги прозвал. Дали тоа бил политичар или актуелен функционер, тоа воопшто не треба да биде начинот на кој ќе биде мотивиран јавниот обвинител да работи или да не работи по одреден предмет. Во однос на наводите за 80-те кривични пријави, навистина не знам кои се тие. Меѓутоа, по моето доаѓање на функцијата, наложив контрола и надзор на старите предмети во сите обвинителства – рече Савески.

На брифингот тој информираше дека, по преземените контроли во обвинителствата, првичните наоди покажуваат дека нема значителен број нерешени стари предмети. – Прелиминарните информации покажуваат дека нема значителен број заостанати предмети, а најстарите предмети се веќе во напредна фаза на постапување – рече Савески.

Во однос на предметот поврзан со пожарот во Кочани, републичкиот јавен обвинител нагласи дека изборот на нови јавни обвинители не значи застој на постапката, туку влегување во нова фаза од процесот.

– Се создаде перцепција дека предметот запира, а всушност започнува нова фаза. Начинот на кој тоа беше пренесено во медиумите дополнително влијаеше врз чувствата на семејствата. Сакавме сите заедно да покажеме разбирање и одговорност – рече Савески.

Тој информираше дека одржал три средби со семејствата на жртвите и повредените, со цел да им ја објасни постапката и причините за кадровските решенија во предметот.

Во однос на времетраењето на постапката, Савески рече дека не очекува таа да трае пет години.

– Јавните обвинители веќе работат по план за ефикасно водење на постапката, а во судската фаза се користат механизми за рационализација на изведувањето на доказите – рече Савески.

Нагласи дека финансиските аспекти не смеат да бидат пречка за обезбедување докази во истрагите и дека јавните обвинители се должни да ги преземат сите неопходни дејствија. – Ако е неопходно вештачење, тоа мора да се направи без оглед на цената. Но, ако постои поекономична алтернатива што ќе доведе до истиот резултат, треба да се земе предвид – посочи Савески.

Во однос на вишиот јавен обвинител Јован Цветановски и укинувањето на неговата суспензија, Савески посочи дека одлуката за евентуално суспендирање ја носи Советот на јавни обвинители. – Додека не се донесе таква одлука, нема правен основ обвинителот да не постапува по предмети – вели Савески.

На брифингот тој говореше и за принципот „dominus litis“, нагласувајќи дека јавниот обвинител е носител на предистражната и истражната постапка и гарант за законитоста, објективноста и заштитата на правата на сите учесници во процесот.

Осврнувајќи се на тековните истраги, Савески порача дека подобро е постапката да биде запрена доколку нема доволно докази, отколку да се поднесе обвинение што би завршило со ослободителна пресуда.

– Доколку во истрагата не се обезбедат доволно докази, подобро е постапката да се запре отколку да се поднесе обвинение што би завршило со ослободителна пресуда. Тоа е законски предвиден механизам – вели Савески.

На прашање за шпекулациите во јавноста поврзани со наводна нацистичка симболика на тетоважа на неговиот прст, Савески ги отфрли таквите тврдења. – Немам никаква поврзаност со идеологии или движења што се споменуваат во јавноста. Тоа се шпекулации кои не одговараат на реалноста – вели Савески.