Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет, кој вчера беше во посета на државата, јасно и недвосмислено кажа дека уставните измени се единствениот пат да се продолжи со европскиот пат на земјата и како што рече – ништо повеќе. Вистината излезе на виделина, нема дополнителни гаранции, нема дополнителни услови, постојат само уставни измени, сè друго е само измислица и само една кампања од власта – изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Според него, Христијан Мицкоски и ВМРО дојдоа на власт со ветувања за подобрување на нашата преговарачка позиција, ветуваа менување на преговарачката рамка, гаранции, понатаму уставни измени со одложено дејство, но сега, вели тој, јасно е дека такви гаранции не може да се добијат.
– И сега е јасно, така како што укажувавме целиот изминат период – такви гаранции е невозможно да се добијат. Одложено дејство на уставните измени – едноставно нема – рече Филипче и додаде дека сега, кога и самиот Антонио Кошта го потврдил она што тие го зборуваат со години, Мицкоски и неговата пропагандна машинерија продолжуваат со лажни вести.
Тој рече дека се форсира тезата дека се преговара со Бугарија, а всушност се преговара со Европската Унија.
Филипче рече дека како партија се изјасниле оти поддржуваат внесување на малцинствата во Уставот и со тоа да продолжи европскиот пат на земјата.
– Така граѓаните ќе видат вистински бенефит. Ќе се отворат фондовите, ќе стигнат пари, тие ќе се трошат со сериозна контрола. Граѓаните ќе почувствуваат вистинско подобрување на квалитетот на нивниот живот. Младите, едноставно тука ќе ја гледаат иднината – потенцира Филипче.
Според него, пред нас е историска шанса што сме ја чекале со децении.
Тој потсети на изјавата на премиерот Мицкоски дека немало да се поместиме ни чекор и оти сме спремни да чекаме со децении, што, вели, ќе нè чини сите нас прескапо.
– Со Христијан Мицкоски и со ВМРО на чело на земјата, едноставно, нашата земја нема перспектива. Едноставно, немаме иднина – додаде Филипче.
Тој потсети дека пред осум месеци лани во септември понудиле да потпишат сите партии заедно резолуција за националните црвени линии.
– Да се сподели со тоа одговорноста за сè што ќе се случува во текот на преговорите. Понудивме пред неколку недели да споделиме одговорност и да одиме на референдум. Нека кажат граѓаните што мислат за ова затоа што не гласаа за оваа блокада на европскиот пат – рече тој.
Тој рече дека тие даваат поддршка на процесот што почнува со уставни измени и значи отворање и затворање на поглавјата, како што тоа го поминале сите земји што пристапиле во Европската Унија затоа што, вели, се работи за иднината на земјата и за иднината на децата, на младите генерации што тука живеат и ќе живеат.
– Пред нас е историска шанса. Со децении сме ја чекале оваа шанса. Ако ја пропуштиме, ќе помине моментумот и ќе се затвори оваа врата што ја отвара Европската Унија. Ќе останеме надвор од Европската Унија, слепо црево на Балканот во Европа, уште којзнае колку години и децении надвор. А гледаме дека со најавата и изјавата на Христијан Мицкоски дека нема да се поместиме ни чекор и дека сме спремни да чекаме со децении, тој таа изјава ја кажува со некакво чудно задоволство, а таа цена сите нас ќе нè чини прескапо. Затоа сме толку гласни и толку настојуваме со ова многу важно прашање за државата – затоа што суштината на политиката е да се обезбеди подобар живот на граѓаните во земјата и подобра и посигурна иднина на државата Не може сите луѓе што живеат во државата и таа да биде заложник на ваквите политики – истакна, меѓу другото, Филипче.

































