Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Буџетот е во исклучително добра состојба и ги надминува проекциите поставени на почетокот на годината, изјави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека Владата внимателно ја следи енергетската криза и е подготвена да воведе нови мерки доколку тоа го наложат околностите.

Говорејќи по регионалниот форум за клима, енергетска транзиција и одржлив развој – МЕФ 2026, Мицкоски оцени дека државните финансии остануваат стабилни и покрај предизвиците поврзани со енергетската криза.

 – Буџетот е во одлична кондиција и ги натфрла проекциите што ги имавме на почетокот на годината. И покрај сите предвидувања дека кризата ќе предизвика сериозни последици, државните финансии се во исклучително квалитетна состојба – рече премиерот.

Тој потврди дека ребалансот на Буџетот ќе биде подготвен во текот на овој месец.

Во однос на цените на горивата, Мицкоски објасни дека Владата одлучила данокот на додадена вредност за безоловниот бензин повторно да се пресметува по стапка од 18 проценти, додека мерката за намалени акцизи останува во сила.

Според него, во моментов акцизата е намалена за два денари по литар и за бензините и за дизелот, а дополнително е обезбеден и попуст од два денари по литар од страна на ОКТА за нејзините коминтенти.

Тој посочи дека последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика донела намалување на цената на дизелот за 6,5 денари по литар, додека бензините поскапеле за половина денар.

 – Кога ќе се пресмета дополнителниот попуст, практично добиваме намалување на цената на безоловниот бензин од околу 1,5 денари по литар. И покрај враќањето на ДДВ на 18 проценти, остануваме убедливо земја со најниски цени на горивата во регионот – истакна Мицкоски.

Премиерот информираше и дека потрошувачката на гориво од граѓани од соседните земји на домашните бензински станици е зголемена за меѓу 15 и 25 проценти во споредба со претходниот период.

Тој најави дека Владата и натаму ќе ја следи состојбата на енергетските пазари и дека ќе реагира со дополнителни мерки доколку кризата се интензивира.

 – Не брзаме со нови одлуки, но внимателно ја следиме состојбата. Во зависност од интензитетот на кризата, така и ќе постапуваме – порача Мицкоски.