ЏУДО
- Еднодневните подготовки во Битола ги предводеше селекторот Александар Фузевски, кој заедно со стручниот тим работеше на кревање на формата на младите репрезентативци
Во Битола во саботата се одржаа еднодневни подготовки на јуниорската џудо-репрезентација на Македонија во поширок состав, како дел од подготовките за претстојното Балканско првенство (БП) во Романија. Подготовките ги предводеше селекторот Александар Фузевски, кој заедно со стручниот тим работеше на кревање на формата и на подготвеноста на младите репрезентативци.
Репрезентацијата ја посети спортскиот директор на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Дејан Мицкоски, кој во негово и во име на ЏФМ им посака успешни подготовки и настапи на натпреварувачите што ќе бидат избрани да ја претставуваат Македонија на ова Балканско првенство, информираат од ЏФМ.
– Изминатава сабота во Битола, со техничка поддршка на ЏК Пелистер, селекторот Фузевски повика поширок состав, од кој треба да избере репрезентација што ќе ја претставуваа нашата држава на Балканското првенство за јуниори, на 27 и на 28 јуни годинава во Романија. Избраните кандидати ќе ја темпираат формата тековниот месец пред Балканијадата во Романија во матичните клубови и преку учества на меѓународни турнири. Во периодот, пак, од 8 до 13 јуни, тројца македонски репрезентативци ќе учествуваат на олимпискиот тренинг-камп во Пореч, Хрватска, што ќе биде од големо значење во подготовките пред одржувањето на Балканското првенство во Романија – ни изјави Мицкоски. Г.И.


































