„Лицем светци срцем волци“ (Прличев за грчките фанариоти)
Јасни ти се и насловот и поднасловот со цитат од Прличев за грчкиот фанариотизам и Фанар, за што по трет или четврти пат пишуваме на овие страници, драг читателу. За Фанар во Цариград, дефиниран егомански како Вселенска патријаршија, центар на православен свет, која божем се грижи за неговиот канонски ред и други нешта, раководена од исто така со егоманска титула вселенскиот патријарх на нејзино чело. Сега е тоа Вартоломеј. Таа патријаршија како врховна православна институција, сè уште, е задолжена и за издавање на магичниот службен документ што се вика томос, со кој се гарантира автокефалноста на една православна црква и со тоа на нејзиното непречено право таа да биде во канонско единство, братство со другите православни цркви, да не биде одвоена и проскрибирана како црна овца меѓу нив, како што тоа беше и сè уште е случајот со Македонската црква. Така, иако таа со усогласеност на Руската со Српската црква веќе го доби тој фамозен томос, но ние сосе Синодот и некои негови аналитичари од новинарската фела сè уште пекаме по официјалниот фанарски томос од Цариград, по онаа пред неколку години во стил на рококо македонска синодско-политичка турлитава посета на Фанар со префиксот „вселенски“, кој вети дека ќе ни го даде магичниот документ само како северни, во склад со идентитетски геноцидниот „Преспански договор“, црковно како божем суверени само во границите на државата, а црквите на македонската дијаспора ќе му припаднат на Фанар, институцијата што според сè е световна, а не света, со антихристова, а не со Христова нарав и љубов. Такво е нашето искуство веќе трето столетие (почнувајќи од 19 век наваму), драг читателу, со таа „вселенска“ православна институција што треба да нè доведе не само до автокефалност со „царски“ православен печат, туку со тоа и до Господ, на кој како некој вид избраници, како Евреите во Стариот завет, како Грци имаат ексклузивно право.
Фанар и фанариотството, Грција и гркоманството за нас Македонците се мачно историско искуство, кое трае и денес, апсолутно до милиметар усогласено во грчката геноцидна политика, која сојузена со Брисел и Вашингтон резултира со кражбата на нашето генеричко име во Преспанскиот договор, со што, рековме, сме фрлени во мемориска, идентитетска гробница во која сега според истиот замислен план на цивилизацијата треба да нѐ дозакопаат Бугарите, и на тоа сега работи машинеријата која по Колумбо опљачка и сотре, осиромаши и понизи толку многу цивилизации, народи и континенти (Африка пред сè) во белиот свет. Така, а тоа сега се прави и со Македонија и Македонците. И овој текст, драг читателу, е поттикнат од еден, ај да го наречеме микрослучај или микроинцидент, ама вклопен во големата слика на македонското историско мачеништво, национално, егзистенцијално, црковно и секакво друго. Тоа уште трае и по Преспанскиот договор. Нашиот фокус во таа смисла е на фамозниот томос и Фанар, кој треба да ни го даде тој, во кој се заљубени и некои наши какви-такви „црковни“ со соросовски и слични мириси аналитичари. Тие што ги интересира повеќе политиката од Светото писмо, кое којзнае дали го допреле со неколку страници, и сличните световни, а не свети работи, не познавајќи ја улогата на македонските христијани во голем дел пресудна за втемелување на христијанството во словенскиот свет и Европа. Итн. Туку сега конкретно за случајот, иницијалната каписла за нашиот текст, драг читателу. Тоа е дописот што го испрати до весникот „Вечер“ (12 мај 2026) Павле Васкопулос Филипов, челник на организацијата на Македонците во Грција „Виножито“. Тој во него го изнесува и фактот дека организацијата, почнувајќи од 2019 до денес, не добила одговор од поднесеното барање до „вселенската“ патријаршија и нејзиниот „вселенски“ патријарх Вартоломеј за црковна богослужба на нивниот мајчински и татковски јазик: македонскиот.
А барано е таа божем света институција, ама политизирана докрај, нејзиното свештенство да ги крштева и постхумно да ги споменува православните христијани ‒ етнички Македонци со нивните традиционални, генерички македонски имиња. Наведен е цел еден пообемен список на таквите имиња, со илузија дека ќе биде уважено барањето од тие што се, како што вели и Прличев, „лицем светци срцем волци“ преоблечени во јагнешка кожа, како асоцијација на Јагнето кое го симболизира Синот Божји Христос. Ама таа гардероба не ја сокрива нивната паганско-политичка голотија. Тие го одбиле целосно барањето на Македонците од „Виножито“ што е апсолутно во духот на Христовата безгранична љубов за сите индивидуи и народи. Павле Васкопулос Филипов вели: „Синодот на Грчката православна црква тогаш соопшти дека се противи на таквото барање. Тогаш грчкиот синод изрази загриженост за барањето на самопрогласените македонски жители на Грција и на политичкиот агент (Павле Васкопулос Филипов, м.з.) за служење на божествената литургија на идиомот на таканаречениот македонски јазик во национално чувствителниот регион на Северна Грција (или Македонија, н.з.)“. Потоа Павле Васкопулос-Филипов појаснува во својот допис-протест до „Вечер“: „Храмот ’Злата Мегленска’ во гработ Сопотско, кој го подигна архимандритот со македонско потекло Никодим Царкњас, е практично единственото место каде што во Грција може да се врши богослужба и да се упатуваат молитви на македонски јазик. Тој се наоѓа на приватен имот на Царкњас, но е непризнаен од страна на Грчката православна црква“.
Ете, тоа е вистината, драг читателу. Сјајниот англиски филозоф и математичар Бертран Расел рече дека двете најважни работи што ги смислиле Старите Грци (Данајците дојдени од Африка, за што пишува и Херодот) се сомнежот и дијалогот. Според него, сомнежот (во митот, м.з.) ја отвора вратата на позитивизмот и патот кон научното мислење, а дијалогот вратата кон демократијата. Со првиот, сомнежот, се слагаме. Претсократовските филозофи го потврдија тоа, но со дијалогот и демократијата не. Грците и во времето на најпросветлениот старогрчки владетел во Атина на Перикле не се откажале од робовите и робовладетелството.
Но сега од хипотезата на Расел, во контекст на нашата теза, ние се префрламе на современите Грци „лицем светци срцем волци“, како што дијагностички од лично македонско искуство со нив ги опиша и дијагностицира нив Прличев. Сомнежот за кој откровенски зборува Расел кај нив сега е јудински, бакнежот со кој Христос беше одведен и распнат на Голгота. А што се однесува до дијалогот што божем ја отвора вратата на демократијата, кај современите Грци нема ништо од тоа, ни дијалог, ни демократија. А за тоа е виновна и Европа, која нив ги смета за нејзина ариевска културолошка и цивилизациска раса. Нашите задремани историчари за жал не се потрудија да ги пронајдат белешките на Раселовиот суд, кој по судењето на американските злосторства во Виетнам, почна со судењето на злосторствата извршени врз одделни народи во Европа, при што Македонците и Ирците се акцентирани како народи врз кои се извршени најголеми геноцидни акции. Не знам, драг читателу, но веројатно тука во однос на геноцидите над Македонците тој го има вклучено и англиското бомбардирање на егејските Македонци со напалм-бомбите на неговите сонародници 1948. Итн.
А сега една дигресија во контекст. Го цитираме Јон Драгунис од книгата на Анастасија Каракасиду „Полиња од жито ридови од крв“, во која се опишува егејската трагедија на Македонците, но со јазикот на вистината, за што авторката, Гркинка, добивала смртни закани од Грците. Но сме на Драгунис, кој во неговата книга „Крвта на мачениците и хероите“ екстатично вели: „Јас сум еден од последните Грци што гледаат на Византија со византиски спомени и со надеж дека таа ќе стане грчка“. Тој цитат идеално се вклопува во грчката „мегали идеја“ за голема Грција што ја спроведуваа грчките андарти сечејќи ги главите на Македонците, а сега со варварската кражба на нивното генеричко име тие ја пресекоа и нивната идентитетска глава, конечно обликувајќи ја со европски печат нивната разрока кентаурска фигура од грчки и македонски идентитет како синтеза на грчкиот.
Тоа е тоа, па ние се чудиме, драг читателу, за односот на Фанар и Грчката црква кон Македонците во Беломорска Македонија, која им ја подари Европа со англиските бомбардери 1948, Лисабонската декларација 1992 и Преспанскиот нацифашистички договор 2018. Фанар, кој важи за жал како врвна и обединувачка (и во бирократска црковна и световна смисла) институција на православните земји, е цезаропапистички како Католичката црква. Оттаму и оној оксиморонски атрибут за неговиот патријарх Вартоломеј „вселенски“, прилепен по дефиниција и за патријаршијата. А сето тоа, пак, во контекст на нашата тема исто така се вклопува во грчката „мегали идеја“, која оди до вселената. А се знае, пак, и од Светото писмо, ама Фанар и Грчката црква или не го познаваат или се слепи и глуви за него. Оти таму јасно е кажано дека вселенски патријарх е Христос и нему му припаѓа од Отецот вселената како патријаршија. Итн.
Но што е парадоксално во односот на Грчката црква кон Македонците во Грција, тоа е аналогијата што нè тера кон времето на Кирил и Методиј во раното христијанство во деветтиот век, кога тие како нови и на новото постхристово време божји апостоли и успеаја да го пронесат Словото, писменоста, во сите словенски народи, да го запрат ширењето на Германите во словенските земји и конечно да се изборат за богослужба на сите нивни народи на својот јазик. А тоа го направија со тргнување настрана на канонската догма на тријазичноста, озаконета од Рим, Цариград и Ерусалим богослужбите насекаде да се извршуваат само на еден од трите црковно канонизирани јазици: латинскиот, еврејскиот и грчкиот. Климент Охридски во своето „Пофално слово за Кирил и Методиј“ пишувал: „Откако ја побија тријазичната заблуда, ја уништија и како какол од пченица ја исфрлија, па ѝ предадоа на црквата чисто и свето жито. Во западните и панонските и моравските земји светнаа како сонце…“ Итн.
А Кирил и Методиј, јасно им е на Грците, се Македонци и тие ја реализираа македонската космополитска визија за еднаквост и братство на сите народи, на Апсолутната Љубов и Слобода, најсветите институции до кои држеше Христос. Но Фанар, неговиот „вселенски“ патријарх и патријаршија се слепи за тоа, за што веќе се свесни (како Руската пред сè) денес некои православни цркви. Само нашата сè уште е во кома и неосвестена за гркоманството и грчкиот „православен“ национализам на Фанар, кој посебно репресивно го манифестира грчкото свештенство кон Македонците со забрана да си вршат богослужба на нивниот генерички јазик, што значи (еве го македонскиот парадокс) дека светите солунски браќа се изборија за укинување на ариевската црковна тријазичност за сите словенски народи, но не и за нивниот македонски народ, тој во денешна Грција. Таа која во 1926 донесе државен закон за преименување на сите македонски топоними во грчки во Егејска Македонија и беше строго казнуван секој Македонец за само еден изговорен македонски збор. А што се однесува, пак, за денешното грчко свештенство, кое е според неговиот однос кон македонските верници во Грција антибожјо и нема ништо христолико во него, тоа треба да знае дека стотици цркви таму во кои сега се врши грчка „богослужба“ (сирота таа) се подигнати од македонски верници низ столетијата и се живописани од македонски зографи и иконописци. Тоа е вистината, па ако размислуваме христијански во име на светата Троица, не знам како и со кое лице, драг читателу, Грците, Грчката црква, и сосе Фанар, не знаат дека во Христовата вера сите се браќа и сестри бидејќи и според Светото писмо, кое не го сфатиле тие, сите ние потекнуваме од истите прародители Адам и Ева. Но тие кон Македонците дејствуваат со формулата на Хобс. Homo hominis lupus (човек на човек е волк). А апостол Павле добро ги поучуваше нив (нека Вартоломеј и неговите свештенички кон Македонците волци) добро ги прочитаат неговите посланија, па ќе видат дека ги советуваше да се угледаат во верата на „богољубивите“ македонски христијани со кои тој (толку многу ги засака) сакаше да се пофали и пред Господ. Но Грците за кои тој рече дека имаат „кораво срце“ не го послушаа него, Ахајците како што ги викаше тој нив. Не. Тие од шестиот век по Христа останаа пагани со нивните орфички мистерии и друго, кои ги укина со декрет пак Македонец: Јустинијан.
Ете, таква е македонската и на Македонците приказна, христијанска и секаква друга, со Грците и нивната геноцидна асимилација на нив. Тие не се христољубиви и воопшто не ја почитуваат Христовата најважна институција на универзалната љубов, онаа која ја имаа Македонците и во антиката на Филип и Александар, наспроти нив, па затоа и не е чудо што лично духот на Христос (нека погледаат Вартоломеј и неговото грчко свештенство во „Дела апостолски“ па ќе видат) го насочи Павле, неговиот најревносен апостол, кон Македонецот во Троада и кон Македонија и кон Македонците кои со својот космополитизам без граници беа најблиску до божественото озарение на љубовта. Со тоа и Христос и Павле се најголемите сведоци дека Македонците, античките и сегашните, не се Грци бидејќи не се како нив лицемерни, туку вистински верници. Тоа ти е јасно и тебе, драг борецу, свет воин за македонската Правда и Вистина Павле Васкопулос Филипов, па затоа не седум, уште и 777 години ќе чекаме на Грците, нивното екстранационалистичко и шовинистичко свештенство и разноразните фанариотски Вартоломеи, да имаат богоразбирање за Македонците. Не можат да имаат сè додека не ја разберат пораката на апостол Павле до нив да се угледаат на „богољубивите“ македонски христијани. Типот христијански души кои според него (во Второто послание до 30 Солунјаните: нека погледаат ако знаат да читаат божјо писмо) се родени за спасение на светот, иако самите се нападнати со катастрофи од сите страни. Грчката катастрофа за нив е можеби и најголемата.

































