Филмска анализа на Би-би-си
Ниту една филмска ѕвезда моментално нема толку добра година како Сандра Хилер. Додека „Проектот ’Аве Марија‘“ („Project Hail Mary“) руши рекорди на бокс-офисот, а новиот филм „Татковина“ („Fatherland“) собира воодушевувачки реакции во Кан, таа би можела да направи нешто што досега никому не му успеало.
Сите препознаваме потенцијална „оскаровска сцена“ кога ќе ја видиме. Тоа е оној момент во филм што изгледа како намерно создаден за актерот да ги покаже своите способности – најчесто преку емотивен и потресен говор. Од една страна, таквите сцени често се срцето на филмот. Од друга, малку поцинично гледано, јасно е дека токму тие моменти ќе се вртат постојано ако актерот биде номиниран за „Оскар“.
Во новата историска драма „Татковина“ на Павел Павликовски, која вчера премиерно беше прикажана во Кан и доби одлични критики, Сандра Хилер има совршена „оскаровска сцена“. Мрачниот црно-бел филм ги следи писателот Томас Ман и неговата ќерка Ерика, која ја игра Хилер, додека патуваат низ новоподелената Германија во 1949 година. Нејзиниот голем момент се случува во хотелско лоби, каде што Ерика разговара на телефон за неодамнешна смрт во семејството. Таа се обидува да остане прибрана, но на лицето ѝ се менуваат страв, тага, надеж и нежна грижа. Станува збор за срцепарателен момент во еден извонреден филм. Можно е токму таа сцена постојано да ја гледаме во текот на сезоната на награди, ако – сосема заслужено – биде номинирана за најдобра актерка.
Необичното е што можеби ќе гледаме уште три вакви „оскаровски сцени“ со Хилер. Германската актерка одамна е ценета во својата земја, но меѓународен пробив направи со улогата во брачниот трилер „Анатомија на падот“ од 2023 година, за кој доби номинација за „Оскар“. Потоа зачекори и во холивудските блокбастери, играјќи ја Ева Страт – бескомпромисната директорка на мисијата во научнофантастичниот хит „Проектот ’Аве Марија‘“. Сега постои реална можност да влезе во историјата како првиот актер што ќе добие четири актерски номинации за „Оскар“ во една година.
На почетокот на мај, Академијата објави промени во правилата. Една од нив дозволува актер или актерка да бидат номинирани за повеќе улоги во иста категорија. Тоа значи дека ако некој блесне во два различни филма, може да добие две номинации за најдобар актер или актерка. Некои коментатори веќе забележаа дека Хилер би можела да биде номинирана дури четири пати: двапати за главна и двапати за споредна женска улога.

Неверојатната низа филмови
Таа веќе важи за фаворит за споредна женска улога благодарение на „Проектот ’Аве Марија‘“, каде што му командува на Рајан Гослинг. Нејзината најсилна сцена? Веројатно караоке-сцената на носачот на авиони, во која песната „Sign of the Times“ на Хари Стајлс добива тежок емотивен набој, пред Ева кратко да пресече со: „И тоа е доволно“.
Во октомври, Хилер ќе се појави во уште еден голем американски филм покрај уште една суперѕвезда. Таа глуми со Том Круз во „Копач“, црна комедија во режија на Алехандро Гонзалес Ињариту. Засега малку се знае за филмот, но Ињариту зад себе ги има „Брдмен“ и „Повратникот“, па би било изненадување ако и овој филм не собере неколку оскаровски номинации. Многу е лесно да има и втора номинација за споредна женска улога за Хилер да биде една од нив.
Филмот што би можел да ѝ донесе уште една номинација за главна улога е „Роуз“, австриска драма што во февруари беше премиерно прикажана на „Берлинскиот филмски фестивал“ и доби одлични реакции. Голем дел од пофалбите повторно беа насочени кон Хилер, која игра жена маскирана како маж во село од 17 век. А сцената во која бесно им се спротивставува на селаните? Без сомнение – уште еден „оскаровски клип“.
Две строги црно-бели европски артхаус-драми. Два големи американски блокбастера полни со ѕвезди. Дали Хилер навистина би можела да биде номинирана за сите четири? Секако, уште е рано за сигурни прогнози, но идејата не изгледа толку невозможна како што можеби звучи.

Нејзиниот подем кон врвот
Една работа што ѝ оди во прилог е фактот што Академијата во последните години значително го прошири и го диверзифицира своето членство, па денес е многу поотворена за наградување улоги што не се на англиски јазик. Дополнително, Холивуд ја откри Хилер дури по две децении филмска кариера. Некогаш се велеше дека има малку добри улоги за актерки над 40 години, но тоа очигледно не важи за 48-годишната Хилер. Таа е еден од оние „прекуноќни успеси“ за кои биле потребни 20 години.
Пред десет години, првпат привлече пошироко внимание надвор од Германија кога „Тони Ердман“ на Марен Аде беше прикажан во Кан во 2016 година, а потоа освои и „Оскар“ за најдобар странски филм во 2017. Во тој филм веќе ги имаше сите квалитети што публиката денес ги обожава кај Хилер: остра интелигенција, ладна воздржаност, суптилен хумор, кревко достоинство и експлозии од болка и гнев што одеднаш избиваат на површина. Во една од најнезаборавните сцени, нејзината стегната бизнисменка конечно се опушта и ја пее „Greatest Love of All“ од Витни Хјустон. Тешко е да не се помисли дека токму таа сцена им била инспирација на авторите на „Проектот ’Аве Марија‘“ за нивната караоке-сцена.
































