Одбележување на творештвото на македонскиот просветител по повод годишнината од неговата канонизација
- Во статијата „Јоаким Крчовски – живот и дело“, објавена на интернет-страницата на Институтот за македонска литература, пишува дека тој е учител, книжевник, монах, просветител, првиот член на првата просветителска генерација и основоположник на новата македонска книжевност
На денешен ден, на 22 мај 2022 година, е канонизиран и вброен во диптихот на светиите Свети праведен Јоаким Крчовски (1750-1820) – светец и првиот македонски просветител, кој со своето дело и свештеничката професија бил народен учител и просветител на Македонците во првата половина на 19 век. Предлогот на Кумановско-осоговската епархија да биде прогласен за светец ја одобрил Синодот на македонската православна црква-Охридска архиепископија на 10 мај 2022 година. Како датум за негово славење како светец е избран 23 мај.
Првиот член на првата просветителска генерација и основоположник на новата македонска книжевност
Во статијата „Јоаким Крчовски – живот и дело“, објавена на интернет-страницата на Институтот за македонска литература, пишува дека тој е учител, книжевник, монах, просветител, првиот член на првата просветителска генерација и основоположник на новата македонска книжевност.
– Од 1814 до 1819 година објавил пет книги на народен јазик, кои претставуваат репродукција на религиозно-поучна литература. Јоаким Крчовски има особено значење, бидејќи тој и Кирил Пејчиновиќ први го вовеле македонскиот народен јазик во печатена форма. Со тоа била означена новата етапа во развојот на македонскиот современ писмен јазик. Заложбата на Крчовски била просвета на македонскиот народ, објава на книги на народен јазик разбирлив за секого, со што започнала македонската културна преродба – се нагласува во оваа статија на Институтот за македонска литература.
Од тие пет дела, првата книга, односно според обемот книшка „Слово исказаное заради умирание“, е првата воопшто на народен македонски јазик, составена од проповеди наменети за воспитување во христијански дух. Отпечатена е во 1814 г. во Будим, анонимна е, но според стилот и јазикот, му припаѓа на Крчовски. Станува збор за малечка книшка од 30 страници со две проповеди наменети за воспитување во христијански дух: „Слово исказаное заради умирание“ и „Слово заради свјатое исповедание на сички христиани, на мужи и на жени“.
Петтата и најобемна книга на Јоаким Крчовски е „Различна поучителна наставленија“, (1819, Будим), печатена на 310 страници и претставува зборник, компилација од разни црковно-набожни текстови. Нејзината содржина ја сочинуваат толкувања од Евангелието, Апостолот, Псалтирот, како и на некои молитви. Содржината на сите книги на Крчовски е набожно-морализаторска, употребувал црковнословенски зборови, а во содржината, како и во лексиката била присутна дамаскинарската традиција. Тие збирки и преводи од средновековната книжевност имале цел да поучат и да ги упатат читателите правилно да живеат во духот со црковното учење. Во нив се забележливи просветителските идеи од 18 и 19 век и имаат непроценлива важност, бидејќи биле отпечатени на жив народен јазик, правејќи ги достапни за широките народни маси.
Во Кратово, Јоаким Крчовски учителствувал долго време, откако претходно (според некои извори) се школувал во Цариград. Во Кратово ги напишал своите дела и се потпишувал како учител уште во 1814 година. Учителствувал и во дебарскиот манастир „Св. Јован Бигорски“, потоа во Крива Паланка и во ќелијното училиште во Кичево 1818 г., како и во Самоков. Во 1787 година бил назначен за свештеник, во 1817 г. се покалуѓерил, а како монах и јеромонах се потпишувал во 1819 година. Бил познат и како проповедник, па заедно тој и неговите синови Георги и Давид проповедале по разни цркви и параклиси од Штип до Ќустендил.
Немерливо значење на делото на Крчовски
Значењето на делото на Јоаким Крчовски за македонскиот народ, за неговиот национален идентитет и јазик е немерливо. Во својата најголема книга „Различна поучителна наставленија“ особено силно го осудува злото на зависта со следните зборови: „О проклетија и на Бога мерзкаја… Завист не е друго што, салт на срце печал, жалба… Она е семја на секо зло и грех…“
Тој свесно избрал прост, народен македонски говор наместо црковнословенски, грчки или „висок“ јазик, што се формирал тогаш кај Бугарите. Неговите книги се финансирани од македонскиот еснаф (особено од Штип и околните краишта) токму за да се спротивстават на погрчувањето и да го просветат своето македонско население. Делото на Крчовски е темелот на новата македонска книжевност, бидејќи временски датира со децении пред браќата Миладиновци, Пејчиновиќ и сите други. Уште во 1814–1819 година, кога бугарската национална свест и „висок бугарски јазик“ сè уште се формирале, Крчовски пишувал на јазикот на Македонците. Затоа кога денес некои се обидуваат да го претстават како „бугарски просветител“ или неговите книги како дел од „бугарската книжевност“ – фактите се јасни и непорекливи: пишувал за Македонците, на јазикот на Македонците, за да ги просвети Македонците.
Неговото дело останува жив доказ дека македонскиот јазик и македонскиот народ со својот македонски јазик не е „измислен во 1944/1945 година“, туку постоел, творел и се борел за зачувување и затврдување на својата македонска национална свест преку своите црковно-народни дејци и просветители уште пред да почнат сите пропаганди да го негираат нашиот македонски идентитет.
Во својата статија „Свети Јоаким Крчовски“, објавена на 23 мај 2025 година, игуменот Фотиј од манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ укажува дека сите книги на Јоаким Крчовски се од исклучителна важност за македонската историја и идентитет, поради фактот дека се напишани на македонски јазик, на кратовско-паланечки говор.
– Неговите дела имаат голема улога во верската и моралната просвета. Им давал на луѓето поука, за да можат да го видат патот по кој треба да одат, во времето на темнината од ропството, во кое западнала Македонија. Светиот Јоаким бил монах и игумен во Осоговскиот манастир. Учејќи и проповедајќи на македонски јазик, тој го сведочел македонскиот идентитет и ја изградувал православната култура во својот поробен народ. Преку него како македонски светител и просветител го согледуваме нашето минато, а во тоа наше минато го препознаваме и нашиот идентитет со нашата православна култура. Во јазикот е фундаментот на нашиот идентитет, а светиот Јоаким како учител го ширел македонскиот идентитет, проповедајќи ја верата во Господа, на својот македонски говорен јазик во источниот дел на Македонија. Светиот Јоаким Крчовски е исклучителна личност на нашата историја – напиша игуменот Фотиј за својот претходник во овој манастир од пред два века.
Свето Тоевски
































