Фото: Маја Јаневска-Илиева

Инцидентите во финалето на фудбалскиот Куп на Македонија како повод

  • Скандалот во финалето на Купот отвори прашања што одамна тлеат и се толерираат. Каде завршува навивањето, а каде почнува организираното понижување на државата?

Фудбалот отсекогаш бил повеќе од игра. Во Македонија, како и на Балканот, трибините често биле место каде што се судираат политички агенди, национални фрустрации и етнички тензии. Но она што се случи на финалниот натпревар од Купот на Македонија меѓу Силекс и Шкендија (1-0), одигран завчера на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, во организација на Фудбалската федерација на Македонија, претставува настан што ја надминува вообичаената навивачка страст и отвора сериозни прашања за односот кон државата, институциите и кон уставниот поредок.
Во атмосфера што требаше да биде празник на македонскиот фудбал, дел од навивачите на Шкендија испратија пораки што многумина ги оценија како директно понижување на државните симболи и демонстрација на отворен политички и националистички радикализам. Исвиркувањето на македонската химна, одбивањето да се стане за време на интонирањето, скандирањата со сепаратистичка содржина и пораките за обединета „голема Албанија“ („United Albania“) не беа само навивачки провокации. Тие беа порака. И тоа порака со опасна политичка тежина.

ШКЕНДИЈА И НЕЈЗИНОТО „ВТОРО ЛИЦЕ“

Во јавноста веќе долго време постои впечаток дека Шкендија функционира како клуб со две лица. Кога победува, клубот сака да биде претставен како модерен европски проект, успешна спортска приказна и пример за професионализам. Кога губи, пак, одредени структури околу клубот се враќаат кон реторика и однесување што наликуваат на политички реваншизам и етничка конфронтација. Токму затоа многумина го споредуваат овој феномен со „доктор Џекил и мистер Хајд“, односно едно лице за Европа и јавноста, друго за домашната сцена кога резултатите не се во нивна корист. Особено загрижува фактот што ваквото однесување не остана ограничено само на навивачката група. Одбивањето на фудбалерите на Шкендија да ги примат сребрените медали наменети за финалистот претставува чин без преседан во македонскиот спорт. Тоа веќе не е само навивачки испад туку институционална демонстрација на непочитување кон ФФМ и кон државата во чиј систем клубот настапува. Клуб што се натпреварува под капата на ФФМ, користи инфраструктура обезбедена од државата и преку македонската федерација учествува во натпреварувањата на УЕФА, не може истовремено да ги ужива придобивките од системот и да го понижува истиот тој систем кога не му одговара исходот (од Шкендија се правдаат дека не одбиле да ги примат медалите, ниту имало намера да се навреди организаторот или противничкиот тим, туку дека играчите заминале во соблекувална за да облечат нови дресови?!).

КОГА ХИМНАТА СТАНУВА ЦЕЛ НА ПРОВОКАЦИИ

Исвиркувањето на државната химна не е обична провокација. Во секоја демократска држава, химната е симбол на суверенитетот, уставниот поредок и заедничката државност. Непочитувањето кон неа испраќа порака дека не се оспорува само спортскиот противник туку и самата држава. Особено беа алармантни скандирањата за „голема Албанија“ и пораките со територијални претензии. Таквите пароли не можат да се третираат како фолклор или навивачка еуфорија. Тие носат политичка содржина со јасни сепаратистички конотации и отвораат прашања за поттикнување етничка омраза и загрозување на меѓуетничките односи. Во земја што сè уште носи лузни од конфликти и тензии, ваквите пораки имаат многу посериозно значење од обично скандирање на стадион.
– Ниту еден клуб, без разлика на неговата етничка, регионална или политичка поддршка, не смее да биде над државата. Спортот мора да биде простор на натпревар, а не арена за рушење на меѓуетничкиот соживот и унитарниот карактер на Македонија. Кога на стадион се испраќаат пораки за прекројување граници и етнички поделби, тогаш веќе не станува збор за спорт. Тоа е злоупотреба на спортот за политички радикализам. Македонија како држава има право и обврска да се брани од сите форми на екстремизам – без разлика од каде доаѓаат – велат нашите соговорници што го следеа финалето на Купот.

ПРАВНИЦИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ НА ПОСТОЕЊЕ ЕЛЕМЕНТИ НА ТЕШКИ КРИВИЧНИ ДЕЛА

Наш соговорник, адвокат што присуствуваше на натпреварот, предупредува дека дел од случувањата можат да се подведат под сериозни одредби од Кривичниот законик.
– Она што го видовме на трибините инстантно ме потсети на низа елементи што индицираат можност за извршување повеќе кривични дела. Конечната квалификација ја даваат обвинителството и судот, но не може да се игнорира фактот дека постоеја јасни елементи на поттикнување омраза и нетрпеливост – истакнува нашиот соговорник.
Тој особено се повикува на членот 319 од Кривичниот законик — предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост.
Според нашиот соговорник – адвокат, јавно исмевање и понижување на национални симболи, шовинистички пораки и организирани скандирања што можат да поттикнат меѓуетничка омраза претставуваат сериозна основа за институционална реакција.
Дополнително, дел од експертите укажуваат и на можноста да се разгледува членот 318 – повикување на насилна промена на уставниот поредок, доколку се утврди дека пораките содржат директни повици за отцепување, прекројување граници или за рушење на уставниот систем.
Секако, правната квалификација е прашање за обвинителството и судовите, но фактот дека воопшто се отвора ваква дебата покажува колку е сериозен инцидентот.

НЕ СМЕЕ ДА ИМА МОЛК НА ИНСТИТУЦИИТЕ, ТОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ ПООПАСЕН

Големата опасност во вакви ситуации претставува и евентуалниот институционален молк. Македонија веќе премногу долго живее со пракса во која екстремистички пораки се релативизираат во име на политички калкулации и етнички баланс. Но држава што не ги брани сопствените симболи испраќа порака на слабост. Ако исвиркувањето на химната, навредите кон државата и сепаратистичките пораки поминат без јасна санкција, тогаш тоа ќе биде охрабрување за нови уште порадикални инциденти. Во секоја европска држава ваквите случувања би предизвикале сериозна реакција, и тоа од дисциплински мерки до кривични постапки и строги санкции кон организаторите и клубот.

ОВА НЕ Е ПРАШАЊЕ НА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ, ТУКУ НА ЛОЈАЛНОСТ КОН ДРЖАВАТА

Особено е важно да се направи јасна една разлика. Имено, осудата на ваквите постапки не е насочена против етничките Албанци во Македонија. Напротив, огромен број Албанци во државата не поддржуваат екстремизам, ниту пак идеи за поделби и конфликти. Проблемот е во радикалните структури што се обидуваат преку спортот да промовираат политички агенди и да создаваат атмосфера на поделби. Токму затоа институциите мора да реагираат принципиелно, без двојни стандарди и без политички калкулации. Случајот со Шкендија и навивачката група „Балисти“ веќе не е само спортска тема. Тој стана тест за капацитетот на државата да ги заштити сопствените институции, симболи и уставен поредок.
Одговорот што ќе следува ќе покаже дали Македонија е држава што има сила да се спротивстави на радикализмот или е систем што ќе продолжи да молчи пред организирани провокации. Затоа ова не е само прашање на дисциплинска постапка во фудбалот. Ова е прашање за институционалниот капацитет на државата, владеењето на правото и за постоењето правна држава. П.Р.


ФФМ треба да покаже авторитет со примена на правилниците и подзаконските акти

Според извори во Фудбалската федерација на Македонија, дисциплинските органи веќе подготвуваат постапка за инцидентите.
Во членот 36 од Дисциплинскиот правилник на ФФМ јасно се наведува дека се забранети изложување дискриминаторски и националистички пароли, омаловажување врз етничка основа и секаква политичка или идеолошка пропаганда.
Прашањето е дали федерацијата ќе има капацитет и храброст да спроведе сериозни санкции или повторно ќе се избере најлесниот пат – симболична казна што нема да промени ништо. Ова е момент кога ФФМ мора да покаже дека е институција, а не заложник на политички и навивачки притисоци. П.Р.


„Бали комбетар“, фашистичка сенка на едно радикално движење, во ново пакување – „навивачка група“

Името „балисти“, кое денес го користат одредени навивачки и националистички структури, историски се поврзува со движењето „Бали комбетар“ (Balli Kombëtar) или „Национален фронт“, албанска националистичка организација формирана за време на Втората светска војна. Движењето било создадено во 1942 година во тогаш окупираната Албанија, со идеја за создавање големодржавна структура наречена „голема Албанија“, односно обединување на териториите населени со етнички Албанци, да бидат собрани во една држава. Историските факти покажуваат дека организацијата активно, заради остварување на своите шовинистички цели и територијални амбиции, влегла во активна соработка со фашистичка Италија и со нацистичка Германија. По капитулацијата на Италија во 1943 година, германските сили воспоставиле контрола врз делови од Балканот, а балистичките формации на повеќе места станале нивни локални вооружени сојузници во борбата против антифашистичките партизански движења.
На територијата на денешна Македонија, особено во западните делови, балистичките единици биле исклучително активни во периодот 1943–1945 година. Во тогашните воени и политички околности, тие учествувале во остри вооружени судири против македонските и југословенските партизани, а во историските извори има сведоштва на случаи на грозоморни насилства, стрелања, репресии и мачења врз цивилно население.
Во македонската колективна меморија, името „балисти“ останало симбол на радикален национализам и соработка со окупаторските сили. Особено чувствителни остануваат сведоштвата за прогони, оружени акции и ликвидирања на антифашистите и цивилното население во Тетовско, Гостиварско и во Кичевско. Факт е дека дел од раководството на Бали комбетар директно соработувало со германските окупациски власти. Документи од Втората светска војна покажуваат дека балистичките единици биле користени како локални вооружени формации против партизанскиот отпор и против движењата што се бореле против фашизмот. Токму затоа, во голем дел од македонската и југословенската историографија, балистите се третираат како колаборационистичко движење.
Денес, кога одредени групи го користат името „балисти“ како навивачки или политички симбол, тоа неизбежно отвора историски асоцијации и контроверзии. За едни, станува збор за симбол на албански национализам, а за сите други, потсетник на една мрачна епизода од Втората светска војна и соработката со фашистичките сили. Историјата, сепак, треба да служи како предупредување, а не како алатка за нови поделби. Балканот премногу пати платил висока цена кога екстремниот национализам се претворал во политичка агенда. П.Р.