Фото: Маја Јаневска Илиева

Околу 770 милиони денари обезбедила Владата за поддршка во науката и таа сума е двојно поголема споредбено со 2024 година, информираше премиерот Христијан Мицкоски.

– И во науката исто така, покрај овие инфраструктурни, би рекол капитални инвестиции, ако се спореди буџетот оваа година со оној од 2024-тата, ќе дојдете до двојно зголемување. Сега е некаде околу 770 милиони денари годишно поддршка за нашите научници, истражувачи – рече Мицкоски.

Владата, нагласи, обезбеди бесплатен пристап до две научни бази на списанија, кои научниците ќе можат да ги користат во создавање научни трудови.

– Овозможивме бесплатен пристап до две научни бази на списанија, тоа се „Веб оф сајанс“ и „Скопус“ , коишто исто така се првпат обезбедени од страна на Владата да бидат со бесплатен пристап за да можат научниците, истражувачите да ги користат кога создаваат свои научни трудови. Така што, апсолутно продолжуваме да вложуваме и во науката и тоа е наш прв приоритет – нагласи Мицкоски.