Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска во Големата сала на народот во Пекинг се сретна со својот руски колега Владимир Путин, кој престојува во официјална посета на земјата, при што двете страни се договорија за идно продолжување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Кина и Русија, пренесе „Гардијан“.
Си Џинпинг го пречека Путин со голема свеченост во Големата сала на народот, придружуван од воена почест и оркестар кој ја свиреше кинеската и руската национална химна.
По средбата, Си и Путин присуствуваа на церемонија за потпишување на повеќе документи за технологија, трговија, научни истражувања и интелектуална сопственост. Меѓу документите, според кинеските државни медиуми, беше и продолжувањето на Договорот за добрососедство и пријателска соработка помеѓу Кина и Русија, првично потпишан пред 25 години.
По церемонијата, Си изјави дека односите меѓу Пекинг и Москва се на „највисоко ниво на сеопфатно стратешко партнерство“ и повика двете земји да се спротивстават на „сите еднострани притисоци“ на меѓународната сцена.































