Фото: МИА

Европа е изградена врз вредности на слобода, еднаквост и демократија, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на свеченоста во Скопје по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Тој истакна дека во услови на глобални конфликти и економски притисоци, Европа мора активно да ги брани своите вредности и дома и надвор од континентот.

 – Европа е изградена на ветувања за слобода, еднаквост и демократија. Денес мора да ги браниме овие вредности – рече Рокас.

Евроамбасадорот нагласи дека проширувањето на Европска Унија е од стратешко значење за обезбедување мир, безбедност и просперитет во Европа.

Според него, поголема ЕУ значи и поголема геополитичка отпорност, енергетска независност и посилна колективна безбедност.

Рокас потсети дека денот ја одбележува и историјата на крајот на најкрвавиот конфликт во човештвото и почетокот на европската интеграција заснована на визијата на Робер Шуман.

Тој се осврна и на актуелната војна во Украина, оценувајќи дека европската посветеност на поддршка на Киев е истовремено и одбрана на европските вредности и безбедност.

 – Ова не е само за Украина, ова е за цела Европа – истакна Рокас, додавајќи дека крајот на војната е клучен за спречување на понатамошни агресии.

Тој ѝ оддаде признание на Македонија за поддршката кон Украина во изминатиот период и порача дека земјата припаѓа во европското семејство.

По обраќањето, евроамбасадорот положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“.