Американскиот претседател Доналд Трамп и министерот за одбрана Пит Хегсет објавија десетици декласифицирани документи поврзани со неидентификувани летечки објекти (НЛО) и можен вонземски живот, во потег што го опишаа како „невидена транспарентност“ кон американската јавност, пренесе „Ројтерс“.
Од Министерство за одбрана на САД соопштија дека долго очекуваните документи, фотографии и видеа за таканаречените „неидентификувани аномални феномени“ ќе бидат објавувани во повеќе фази, паралелно со процесот на декласификација.
Меѓу околу 170-те досиеја се наоѓа фотографија од „неидентификуван феномен“, направена од површината на Месечината за време на Аполо 12, како и транскрипт од екипажот на Аполо 17 во кој астронаутите опишуваат необјаснети објекти забележани од Месечината.
– Овие досиеја, долго време скриени зад класифицирани информации, поттикнуваа легитимни шпекулации и време е американскиот народ самиот да се увери – изјави Хегсет.
Објавувањето на документите веќе отвори нов бран дебати околу можните владини тајни и прашањето за постоење живот надвор од Земјата.
Трамп, пак, порача дека граѓаните сега ќе можат сами да проценат „што, по ѓаволите, се случува“, додавајќи: „Забавувајте се и уживајте“.
Потегот го поздравија американските конгресмени Тим Бурчет и Ана Паулина Луна, кои подолго време се залагаат за декласификација на НЛО-досијеата.
Сепак, дел од критичарите сметаат дека објавувањето на документите претставува обид за одвлекување на вниманието од актуелните политички проблеми на администрацијата на Трамп, меѓу кои се споменуваат американската воена кампања против Иран и јавниот притисок за дополнително објавување документи поврзани со Џефри Епстин.






























