Фото: Маја Јаневска-Илиева

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека внимателно ја следи состојбата поврзана со појавата на хантавирусна инфекција кај патници и членови на екипажот на крузерот МВ Хондиус (MV Hondius) во регионот на јужниот Атлантски Океан, но засега нема ризик за Македонија.

Според информациите од Светската здравствена организација (СЗО), Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и здравствените власти на засегнатите земји, досега се регистрирани осум потврдени и сомнителни случаи, меѓу кои и три смртни исходи.

Од ИЈЗ посочуваат дека истрагите сè уште се во тек, а меѓународните институции работат на утврдување на изворот на инфекцијата и начинот на изложеност.

– Во овој момент нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со Македонија, ниту постојат индикации за ризик по јавното здравје во државата – информираат од Институтот.

Според досегашните сознанија, изложеноста најверојатно е поврзана со престој во области каде има природно присуство на глодари, кои се природни резервоари на хантавирусите.

ИЈЗ објаснува дека хантавирусите се група зоонозни вируси што најчесто се пренесуваат преку вдишување честички контаминирани со урина, измет или секрети од заразени глодари, како и преку контакт со загадени површини.

Во Европа и Азија најчесто се јавува хеморагична треска со бубрежен синдром, која е регистрирана и во Македонија, додека во Северна и Јужна Америка почест е хантавирусниот белодробен синдром, кој има значително повисока смртност.

– Кај повеќето хантавируси не е докажан пренос меѓу луѓе. Ограничен интерхуман пренос е потврден само кај Андес (Andes) вирусот во Јужна Америка – наведуваат од ИЈЗ.

Оттаму додаваат дека не постои специфична антивирусна терапија или вакцина за хантавирусна инфекција, а лекувањето е супортивно.

СЗО и EЦДЦ засега не препорачуваат воведување рестриктивни мерки за патување или трговија, но советуваат зголемена внимателност при престој во области каде има ризик од изложеност на глодари.

ИЈЗ информира дека Одделението за вирусологија располага со реагенси за детекција на оваа група вируси и дека останува во постојана комуникација со меѓународните здравствени мрежи за рано предупредување и одговор.