Бугарскиот парламент денеска треба да се изјасни за предложениот владин кабинет на кандидатот за премиер Румен Радев, номиниран од партијата „Прогресивна Бугарија“.
Претседателката Илијана Јотова вчера му го довери мандатот за состав на влада на Радев, како претставник на најголемата пратеничка група во 52. Народно собрание, по што тој веднаш го врати мандатот со предлогот за нов владин состав.
Предложената владина структура предвидува четворица вицепремиери и 18 министерства. Во рамки на реформите, планирано е преструктурирање на ресорите за економија, иновации и електронско управување во две нови министерства.
– Ова не е само оптимизација и кратење на администрацијата, туку обид да се подобри работата на владата, да се создадат подобри услови за инвестиции и побрзо да се спроведе дигитализацијата – изјави Радев.
„Прогресивна Бугарија“ располага со парламентарно мнозинство од 131 пратеник во 52. состав на Народното собрание. Сепак, дел од опозициските партии, меѓу кои ГЕРБ-СДС, „Демократска Бугарија“, „Продолжуваме со промената“ и „Преродба“, веќе најавија дека нема да ја поддржат новата влада. Од ДПС засега нема официјален став.
Покрај изборот на новата влада, на денешната седница на бугарскиот парламент ќе се разгледува и формирањето привремени комисии за буџет и финансии, како и за правни прашања.


































