Вечерва, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Хармонија“, на кој како солист ќе настапи виртуозниот кинески виолинист Нинг Фенг, а диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија. На програмата се Концерт за виолина и оркестар бр. 1 во Де-дур, оп. 19 од Сергеј Прокофјев и Симфонија бр. 11 во Ге-мол, оп. 103 од Дмитри Шостакович.
Еден од водечките виолинисти во Кина денес – Нинг Фенг, иако постојано настапува во својата земја со видни оркестри, е и еден од најбараните музичари и во Европа. Моментално живее во Берлин и ужива светска кариера. Критиката ќе го оцени како уметник со прекрасен лиризам и емотивна транспарентност, како музичар со инспиративни технички остварувања. Нинг Фенг студирал на Конзерваториумот за музика во Сишуан, потоа на Школата за музика „Ханс Еислер“ во Берлин со познатата виолинистка Антје Вајтхас, како и на Кралската музичка академија во Лондон со Ху Кун, каде што ќе стане првиот студент што некогаш бил награден со 100 проценти за неговиот завршен рецитал. Фенг е добитник на многу награди, меѓу нив и на престижните меѓународни натпревари по виолина „Паганини“, „Кралица Елизабета“ и „Јехуди Менухин“ во Лондон, каде што денес е член на жирито, или на „Мајкл Хил“ во Нов Зеланд. Соработувал со голем број реномирани оркестри и диригентски имиња. Магазинот „Пицикато“ напиша дека е музичар што „импресионира не само со техничките вештини туку и со топлината, а неговиот тон е постојано полн и лирски…“ Нинг Фенг свири на виолина „страдивариус“ од 1721 година.