Македонската уметница на меѓународна изложба во Алмерија, Шпанија
Македонската уметница Пандора Апостолоска-Саздовска учествува на Меѓународната изложба на жени уметници „Арс визибилис 7“, која ќе биде отворена денеска во Медитеранскиот центар за уметност во Алмерија, Шпанија, и ќе трае до 22 мај. Темата на изложбата ја истражува позицијата на жената во современиот свет, фокусирајќи се на структурите на родова нееднаквост. Курирана е од Роза Муњоз Бустаманте (директорка на центарот) и Фернандо Барионуево (визуелен уметник). Изложбата обединува 46 уметници од различни културни контексти и земји како Шпанија, Јапонија, Бразил, Јордан, Романија, Македонија, Австрија, Шведска, Русија, Аргентина, Франција, Белгија и Сенегал.
Делото на Пандора Апостолоска-Саздовска ја третира жената во состојба на воена криза. Насловот „Тер(ор)итори“ функционира како повеќеслојна семиотичка структура во која зборот територија е насилно расцепен од зборот терор (насилство), со што уште на лингвистичко ниво се укажува на суштинската поврзаност меѓу територијата и стравот. Во оваа интервенција, просторот повеќе не е неутрална географска категорија, туку поле на конфликти, интереси и идеолошки проекции, каде што моќта се воспоставува преку насилство. Борбата за експлоатацијата на човечки тела преку трговија со луѓе, овде се појавува како скриен двигател на конфликтите. Историјата на војните постојано сведочи дека телото на жената станува поле на симболична и физичка окупација. Во таа смисла, „Тер(ор)итори“ ја разобличува војната како форма на институционализиран грабеж, легитимиран преку дискурсот на „безбедност“ и „национален интерес“ и ја преиспитува самата логика на легитимноста, кој одлучува што е „одбрана“, а што е „агресија“.
– Воените зони произведуваат специфична демографија на ранливост. Во тој контекст, територијата не е само простор на оружен судир туку и нелегален пазар. Телото станува територија што може да се поседува, контролира и експлоатира. Таа метафорична конверзија, од земја како ресурс кон тело како ресурс, ја проширува логиката дека теророт не се врши само врз границите туку и врз самата човечка егзистенција, особено врз женската популација. Војната создава „сиви зони“ на неказнивост, каде што правниот вакуум и корупцијата овозможуваат експлоатацијата да се институционализира. Во таа смисла, војната се појавува како институционализиран грабеж, не само на ресурси туку и на човечки животи, идентитети и иднини. Естетски, делото може да се чита како визуелна археологија на насилството и, во својата суштина, не зборува само за конкретни војни или региони, туку за универзалниот модел на човечка агресија – се наведува во најавата.
Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелна уметница, активистка и истражувачка. Нејзината уметничка практика е насочена кон меѓучовечките односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. За својата работа, таа е наградена од европскиот град на културата Умеа во 2014 г. во Париз, Франција, меѓу другите признанија, со грантови и студиски престои. Во 2017 г. беше визитинг-професорка на Катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, ОАЕ, а во 2023 визитинг-професорка на Универзитетот во Сокотра, Јемен.
В.Д.
































