Фото: „Нова Македонија“

Анализа на „Политико“: Индикатори за долгогодишни корупциски практики во Бугарија

  • Бугарија е најлошо рангирана во ЕУ (заедно со Унгарија) според најновиот индекс за корупција на „Транспаренси интернешнл“, при што злоупотребата на моќта и власта претставува долгорочен проблем создаден во долгогодишниот политички ќор-сокак поради неможноста за формирање стабилна влада. Според последните сознанија, во оваа мрежа се опфатени надлежни високи државни институции, што укажува на длабока дисфункционалност во државата
  • Новоформираната партија Прогресивна Бугарија на поранешниот претседател Румен Радев освои парламентарно мнозинство на изборите одржани на 19 април токму со ветувањето дека ќе го размонтира озлогласениот олигархиски модел, но веќе се јавуваат сомнежи дека тој ќе го спроведе ветеното

Голем број случаи на фиктивно зголемени договори на државни тендери, измами со средства од фондовите на Европската Унија и попречувани истраги наводно го сочинуваат „олигархискиот модел на управување“ на Бугарија, на кој укажува „Политико“ во напис што изнесува сериозни обвинувања за корупција кај источниот сосед. Новоформираната партија Прогресивна Бугарија на поранешниот претседател Румен Радев освои парламентарно мнозинство на изборите одржани на 19 април токму со ветувањето дека ќе го размонтира озлогласениот олигархиски модел, но веќе се јавуваат сомнежи дека тој ќе го спроведе ветеното.

Стотици истраги за злоупотреба на средствата на ЕУ

Бугарија е најлошо рангирана во ЕУ (заедно со Унгарија) според најновиот индекс на корупција на „Транспаренси интернешнл“, при што злоупотребата на моќта и власта претставува долгорочен проблем создаден во долгогодишниот политички ќор-сокак поради неможноста за формирање стабилна влада. Според последните сознанија, во оваа мрежа се опфатени надлежни високи државни институции, што укажува на длабока дисфункционалност во државата.
– Средствата на ЕУ, најголемиот извор на јавни инвестиции во земјата, биле предмет на стотици истраги за измами во последните години, вклучувајќи фантомски фарми, „надуени“ договори и политички поврзано посредништво при зделките – пишува реномираниот „Политико“, изнесувајќи ги на виделина спорните случаи.
Станува збор за два државни тендерa за наводнување во вредност од 169 милиони евра од фондовите на ЕУ, со трошоци за конструкција за кои се смета дека биле фиктивно зголемени повеќе од 20 пати, при што за работа што требало да чини околу 43.000 евра биле фактурирани околу милион евра. А има и обвинувања за фабрика за која се вели дека произведува контаминирано месо што стигнувало до училиштата во земјата, како и за измама поврзана со отстранување останки од добиток.

Бугарското обвинителство се соочува со сериозни обвинувања и повици за реформирање

Проблематична е и работата на бугарското обвинителство, каде што, како што пишува „Политико“, укажаните случаи за сомнежи за корупција, „традиционално умирале“. Институциите на ЕУ и невладини организации долго време ги документирале застојот на истрагите и уништувањето досиеја, при што малку предмети стигнувале до суд.
– Недостигот од какво било дополнително истражување од страна на бугарското обвинителство продолжува да биде главното тесно грло – вели Руслан Стефанов, главен економист во Центарот за проучување на демократијата во Софија.
Радев, кој поднесе оставка од претседателската функција во јануари за да се кандидира на изборите, освои речиси 45 проценти од гласовите на неодамнешните избори. Неговата победа предизвика итна оставка на вршителот на должноста генерален обвинител Борислав Сарафов. Застапниците на реформите и опозициските пратеници со години го обвинуваа Сарафов за заштита на влијателни личности, вклучувајќи ги и трикратниот премиер Бојко Борисов и медиумскиот магнат Делјан Пеевски, кој е под санкции од САД. Сарафов изјави дека ја одложил претходно донесената одлука за оставка за да избегне дестабилизација на обвинителството, но не се осврна на обвинувањата. Оставката на Сарафов повеќе личи на претстава отколку на почеток на поголема промена, според дел од бугарските аналитичари.
Новиот парламент сега го има мнозинството потребно за реформа на Врховниот судски совет и за назначување нов генерален обвинител, реформа за која ЕУ долго време инсистираше. Борбата против корупцијата беше централна во кампањата на Радев и тој им рече на новинарите на денот на изборите дека Бугарија има „историска шанса еднаш засекогаш да раскине со олигархискиот модел Пеевски-Борисов“. Се смета дека оставката на Сарафов одеше во прилог на неговото ветување.

Осамен укажувач на корупција го активира алармот

Привремениот министер за земјоделство на Бугарија, Иван Христанов, ги помина изминатите месеци емитувајќи полициски рации во живо на социјалните мрежи, отворајќи случаи „закопани“ од надлежните институции и поднесувајќи барања до обвинителите и истражителите на Европската Унија.
Христанов беше назначен на министерската функцијата во февруари, по што го претвори неговиот краток мандат во лична борба против корупцијата, собирајќи документација за неговите откритија. Користејќи ги социјалните мрежи за да алармира за проблемот, тој објавуваше видеа што собраа над 70 милиони прегледи на Фејсбук, привлекувајќи големо внимание во бугарската јавност.
Христанов во 2023 година го основа движењето против корупција наречено „Единство“. Движењето во јануари годинава се приклучи на три помали партии за да формираат антикорупциски блок што учествуваше на последните избори. Блокот не ги освои минималните четири проценти од гласовите потребни за да влезе во парламентот, а името на Христанов не беше на гласачкото ливче.
За неколку дена Христанов треба да ја предаде министерската функција, но се надева дека личното залагање во борбата против корупцијата ќе го продолжи неговиот мандат, за што ќе одлучува идниот премиер Румен Радев. На прашањето од „Политико“ дали тој му верува на Радев, Христанов покажал двоумење.

Аналитичарите скептични за ветувањата на Радев за искоренување на корупцијата

Аналитичарите во Бугарија и надвор од неа изразуваат претпазливост во однос на очекувањата од претстојната влада. Радев ја собра Прогресивна Бугарија од поранешни министри што тој ги назначи за време на неговото претседателствување, членови на неговата претседателска администрација и од политичари што се оддалечија од сега веќе непостојната Социјалистичка партија. Партијата е опишана како идеолошки неповрзана база што доби поддршка од гласачите евроскептици. Се смета дека Прогресивна Бугарија допрва треба да најде прашање за кое ќе постигне интерна согласност, со што тоа би можела да биде токму борбата против корупцијата.
– Антикорупцијата е логичен обединувач, но владеењето значи сојузи и парламентарна група полна со нови пратеници што ќе очекуваат да бидат наградени со назначувања, државни договори и регионално покровителство – истакнува Марија Симеонова од Европскиот совет за надворешни односи во Софија.
Емилија Занкина од филијалата на Универзитетот „Темпл“ во Рим и специјалистка за бугарска политика смета дека Радев може да преземе акции за привлекување внимание, но не многу повеќе од тоа. Kоалицијата се потпира врз реториката против корупцијата за да ја задржи базата, што според неа значи дека Радев не може да си дозволи внатрешно нарушување или премногу длабоко зафаќање со проблемот.
– Неколку луѓе може да се менуваат тука и таму, но моделот Пеевски-Борисов едноставно ќе биде заменет со моделот на Радев на владеење на еден човек – заклучува Занкина.

П.Р.