Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги отфрли заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините за европските автомобили, предупредувајќи го Вашингтон да се придржува до трговскиот договор постигнат со Брисел.
За првпат откако Трамп во петокот најави воведување царини од 25 проценти за автомобили произведени во ЕУ, Фон дер Лајен порача дека „договор си е договор“, објави вчера Политико.
-Договор си е договор. Имаме договор, а суштината на тој договор е просперитет, заеднички правила и сигурност – изјави Фон дер Лајен на прес-конференција за време на самитот ЕУ-Ерменија во Ереван.
Таа додаде дека „САД имаат обврска“ и истакна дека „ЕУ е подготвена за секое сценарио“.
Најновите закани на Трамп за воведување царини претставуваат остра ескалација на веќе затегнатите трговски односи меѓу Вашингтон и Брисел.
На прес-конференцијата во Ереван, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека лидерите на ЕУ „целосно го поддржуваат одговорот на Европската комисија на најновата трговска закана на Трамп“.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја потврди таа поддршка на посебна прес-конференција во Ереван со ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
-Договорите се потпишани и мора да се почитуваат, бидејќи ако бидат доведени во прашање, сè повторно ќе биде отворено. Ако на некоја земја ѝ се закануваат нови тарифи, ЕУ има механизми да одговори и треба да ги користи, бидејќи за тоа се наменети – рече Макрон, додавајќи дека блиските сојузници како Брисел и Вашингтон „имаат многу подобри работи да прават отколку да упатуваат закани што водат кон дестабилизација“.
По изненадувачката најава на Трамп, Европската комисија првично избегнуваше директна конфронтација со Белата куќа, наведувајќи само дека ЕУ ќе ги задржи сите опции отворени.

































