Makedonskio oro
Фото: Приватна архива

Денеска е 4 мај, а на овој симболичен датум кога се одбележуваат 123 години од загинувањето на Гоце Делчев, музичарот Георги Гавровски, во јавноста познат како Гого Реквием, ја промовира својата нова песна „Убава си“, за која музиката, текстот и аранжманот се негови. Релизиран е и интересен видео запис, што изобилува со сцени од најубавите предели во Македонија. Направен е по идеја на Гого, а тој стои и зад продукцијата.

– Песната ја напишав уште 2001 година, кога почна воениот конфликт во Македонија. Не сакав да ја пеат само Македонците, сакав да ги спои сите нации кои живеат во нашата земја. Но ете, остана во фиока цели 25 години и по цел четврт век токму денеска е нејзината промоција. Некогаш животот ги реди коцките токму онака како што треба. Бидејќи рокенролот е мојот живот, таков моќен звук има и „Убава си“ иако се провлекува и една етно нишка која не поврзува со ова парче земја на кое живееме – ни рече Георги Гавровски.

Видеото за „Убава си“ е направено со АИ технологија.

– Во духот на новото време, користејќи ја вештачката интелигенција решив да направам една убава прошетка низ најубавите делови на Македонија. Спотот почнува симболично со карта на античка Македонија која прикажува до каде стигнал Александар Велики. Приказната нема никаква политичка заднина, бидејќи со овој приказ го означувам само почетокот на патувањето со звук и слика во видеото. Се надевам дека „Убава си“ на младите генерации ќе им помогне да ја запознаат својата земја, со сите нејзини убавини и вредности, а како песна ќе живее и ќе се свири уште долго. Многумина, кои ја слушнале ми рекоа дека звучи како рок химна и носи убава порака – вели Гавровски.

Фото: Приватна архива

Инаку, неговиот „Реквием бенд“, минатата година, на 21 номеври, одбележа 30 години постоење, а токму по тој повод беше издаден и новиот албум на групата, чија концертна промоција со нетрпение ја очекуваме.