Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата нема да отстапи од, како што рече, „црвените линии“ кога станува збор за македонскиот идентитет во односите и преговорите со Бугарија.
Тој нагласи дека идентитетските прашања се темел на државната позиција и оти нема простор за компромис „ниту милиметар“. Според него, не очекува промена во ставовите на официјална Софија, дури и по најавите за формирање стабилна влада во земјата.
Мицкоски оцени дека причината за ваквата состојба делумно лежи и во, како што рече, постоењето на домашни политички и општествени структури кои се подготвени на отстапки во однос на бугарските позиции.
Во својата изјава, дадена по панихидата во Црквата Св. Спас по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев, премиерот истакна дека е недозволиво во 21 век да се оспорува идентитетот на историски личности и на македонскиот народ.
И покрај критиките, тој потенцира дека Владата останува отворена за билатерални разговори со Бугарија, но инсистира тие да се водат врз основа на аргументи и меѓусебно почитување.

































