Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (17)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Во дигиталната ера моралот стана најдостапната, но и најевтината човечка вредност. Со еден клик, секој може да биде судија, обвинител и извршител, без да преземе никаква одговорност. Оваа привидна демократизација не донесе повеќе правда, туку повеќе перформанс – моралот како јавна претстава, а не како внатрешен компас. Психологијата одамна предупредува дека моралните судови ретко се производ на рационална анализа. Истражувањата на Џонатан Хејд покажуваат дека луѓето прво реагираат интуитивно и емоционално, а потоа рационализираат. Социјалните мрежи го засилуваат овој механизам: реакцијата станува побрза од мислата, а осудата побрза од проверката. Во таков систем, фактите не исчезнуваат – тие стануваат ирелевантни.
Дополнително, концептот на „морал грандстендинг“ разработен од Џастин Тоси и Брендон Вормке прецизно ја опишува новата реалност: луѓето не зборуваат за да придонесат кон вистината, туку за да изгледаат морално супериорни. Моралот станува средство за статус. А таму каде што статусот е награда, екстремноста станува стратегија. Особено во „борбата“ за правата на животните, односно само на кучињата, односно само на бездомните кучиња, односно само на оние што се во град. Тука се исклучени сите други кучиња и воопшто животни. Тој лажен морал се изразува и во својата најопасна форма во т.н. линч-култура, каде што индивидуалната одговорност се губи во колективната емоција. Наместо аргумент, се користи етикета; наместо дијалог – пресуда. Во таа динамика, доволно е некој да биде негативно претставен преку извадени од контекст или манипулативно извртени факти, за да стане легитимна цел.
Лично за мене, ова не е апстрактна теза. Како автор и практичар, кој јавно говори за благосостојба на сите животни, сум бил цел на координирани онлајн напади, во кои суштината на кажаното беше игнорирана, а наративот граден врз неточности. Парадоксот е уште поголем ако се земе предвид дека моето знаење стекнато со додипломски и постдипломски студии на Универзитетот „Сорбона“, еден од најпрестижните универзитети во светот со најголем центар за природни науки во Европа, моите наградувани искуства на неколку континенти, како и успешноста на Центарот за благосостојба на миленици „Туту“, беше предизвикувано од лица без релевантно образование, без основна култура на дебата и често без елементарно познавање на однесувањето и потребите на животните. Луѓе без ниту еден ден професионална грижа за миленици и ниту една прочитана страница од релевантна тематска научна литература оспоруваа научни етолошки факти што се прифатени од стручната заедница веќе половина век.

Во тој контекст, особено е симптоматично игнорирањето на основните биолошки и етолошки факти, како што е природната миграција на бездомни животни. Наместо да се разбере дека кучињата се движат во потрага по храна, вода и територија – што е научно документирано од истражувачи како Рејмонд Копингер – јавноста често прибегнува кон теории на заговор за „комбиња“ што наводно ги префрлаат кучињата од едно место на друго. Оваа потреба за едноставен виновник е типична когнитивна кратенка: полесно е да се обвини некој невидлив актер отколку да се прифати комплексноста на проблемот. Паралелно, неконтролираното оставање храна на јавни површини, покрај тоа што придонесува за концентрација на глутници, привлекува и други штетници – глодачи, инсекти и птици – со што се создава дополнителен здравствен и еколошки ризик. Ветеринарната и јавноздравствената пракса јасно укажуваат дека храна не треба да се остава во надворешни услови без контрола, бидејќи брзо се контаминира и станува извор на болести, наместо решение.
Но вистинската штета не е само лична – таа е системска. Во секојдневната работа во „Туту“ се среќаваме со конкретни последици од „дигиталниот морал“. Сопственици под притисок на онлајн трендови купуваат немедицински чевли за кучиња што ја нарушуваат природната биомеханика на движењето, користат влажни марамчиња, козметички балсами или пак колички за кучиња кај здрави животни, со што се поттикнува физичка неактивност и мускулна атрофија. Ветеринарни студии, како оние објавени во „Џурнал оф ветеринари дерматолоџи“, укажуваат дека ваквите производи можат да предизвикаат имунолошки реакции и нарушување на природниот микробиом на кожата. Но на социјалните мрежи тие се претставуваат како „хумано решение“, бидејќи визуелно и емотивно дејствуваат убедливо. Уште поалармантен е феноменот на „лекување“ преку фејсбук-групи – размена на совети, па дури и продажба („донација“) на лекови без рецепт. Тоа не е само нестручно туку е и незаконско. Според Законот за лекови и медицински средства во Македонија, неовластена продажба и дистрибуција на лекови претставува кривично дело. Но во дигиталната морална економија, чувството дека „помагаш“ често ја надминува свеста за одговорноста. Истото тоа важи и за популарните наративи околу хранење улични кучиња и поставување куќарки. Иако мотивот може да биде емпатија, неконтролираното хранење доведува до концентрација на глутници, територијално однесување и зголемен ризик од напади. Хордашењето на јавни површини не е хуманост – тоа е создавање паралелен систем без контрола, каде што страдаат и луѓето и животните. Но на интернет, овие практики се слават како морална должност, без никаква анализа на последиците.
Тука се гледа суштината на проблемот: дигиталниот морал не бара знаење, туку реакција. Не бара одговорност, туку видливост. И додека луѓето се натпреваруваат кој ќе биде погласен, реалноста станува сè потивка – но и сè поопасна, како што гледаме секојдневно преку загрозеноста на безбедноста на нашите улици од присуството на слободно движечки кучиња и преку неефикасните трошоци во градските буџети за проблематика што е национална.
Вистинскиот морал не се мери со лајкови, туку со последици. Не со тоа колку гласно зборуваме, туку колку точно разбираме. Во спротивно, ќе продолжиме да живееме во општество во кое најгласните не се најправедни, туку најнаградувани – а цената за таа илузија ја плаќаат токму оние во чие име најчесто зборуваме: и луѓето и животните.
Илија Петковски
































