СВЕТОТ НА ЕДНА ГОЛЕМА ПИСАТЕЛКА

Половина век по нејзината смрт, Агата Кристи останува загатка речиси исто толку сложена како и нејзините романи. Иако нејзините детективски приказни се меѓу најчитаните во светот со децении, самата авторка ретко зборувала за себе. Кралицата на криминалот напиша 74 романи, 15 збирки кратки раскази и 16 драми и е најпреведувана авторка во светот. Реткото радиоинтервју што го даде за Би-би-си во 1955 година, кое затоа е и вредно, е еден од ретките моменти во кои Кристи дозволила увид во нејзиниот внатрешен свет.
Во јавноста Агата Кристи изгради слика на тивка, повлечена и добродушна дама во крзнено палто, која ги сака градинарството, кучињата и семејниот мир. Но зад таа дотерана, речиси старомодна слика стоеше авторка што ужива во измислувањето приказни за труења, измами и злосторства. Таа беше исклучително срамежлива, но во интервјуто за Би-би-си, снимено во нејзиниот стан во Лондон, таа открива дека токму нејзиното неконвенционално детство ја поттикнало нејзината имагинација.

Борејќи се со тага и писателска блокада, самата стана предмет на мистерии

Родена како Агата Милер во 1890 година во богато семејство, таа најчесто се школувала дома. „Никогаш не сум имала вистинско образование“, рекла таа, истакнувајќи дека само кратко одела на училиште во Париз на 16-годишна возраст. Досадата, признала таа, била клучна за неа: измислувала приказни, глумела ликови и пишувала уште како тинејџерка. Својот прв роман го објавила кога имала 21 година – „Мистериозниот инцидент во Стајлс“ од 1920 година, со кој му го претставила Херкул Поаро на светот.
Не беше случајно што Кристи често избираше отров како средство за убиство. За време на Првата светска војна таа работеше како медицинска сестра, а потоа во болничка аптека, каде што стекна знаење за дрогите и отровите. Во нејзиниот опус, отровот се појавува во повеќе од 40 случаи на убиства, обиди за убиства или самоубиства.
Структурата на нејзините приказни речиси секогаш беше прецизна: затворен круг на осомничени, злосторство што разоткрива скриени врски и детектив – Поаро или госпоѓица Марпл – кој сè става во ред во последната сцена.
Борејќи се со тага и писателска блокада, Кристи самата стана предмет на мистерии. Па така, во една студена декемвриска ноќ, нејзиниот уништен автомобил беше пронајден во Сари во близината на каменолом. Полицијата ги пронајде нејзиното крзнено палто и возачка дозвола во него, но немаше никаква трага од неа. Она што следуваше беше еден од најголемите претреси во британската историја, во кој се вклучи и Артур Конан Дојл, доктор и творец на најпознатиот детектив во светот – Шерлок Холмс. Дојл дури и ангажираше јасновитка да се поврзе со Агата користејќи една од нејзините ракавици.
Десет дена подоцна, таа беше пронајдена во хотел во Харогејт, на 375 километри од местото на несреќата. Таа никогаш не објасни што се случило. Теориите се натрупаа: дали нејзиното исчезнување е резултат на губење на меморијата, пресметан обид да го засрами нејзиниот сопруг или дури и публицитет? Кристи одлучи да не ја разјасни мистеријата во својата автобиографија, пишувајќи само: „Значи, по болеста дојдоа очај и тага. Нема потреба да се задржуваме на тоа“.

Разочарувачката вистина е дека нема многу методи

Слично беше и кога стануваше збор за тајните на нејзиниот стил и методи на пишување, кажувајќи за Би-би-си во 1955 година: „Разочарувачката вистина е дека немам многу методи. Ги пишувам моите нацрти на стара доверлива машина за пишување, која ја поседувам со години, и сметам дека диктафонот ми е корисен за кратки раскази или за преработка на чин од драма, но не и за посложената работа на пишување роман“. Во 1930 година таа се омажи за археологот Макс Малован и патуваше со него на Блискиот Исток. Овие патувања и учење за античките култури директно инспирираа романи како „Смрт на Нил“. За време на периодот на лична стабилност, нејзината продуктивност се зголеми – за девет години напиша дури 17 романи.
Кристи тврдеше дека вистинската работа во пишувањето е размислувањето. „Мислам дека вистинската работа се прави во откривањето на развојот на приказната и грижата за неа додека не излезе како што треба. Можеби ќе потрае некое време. Потоа, откако ќе го соберете целиот материјал, сè што останува е да се обидете да најдете време за пишување. Три месеци ми се чинат сосема разумно време за да се заврши книга, ако некој може веднаш да ѝ се посвети.“
Театарскиот импресарио сер Питер Сондерс, кој ја продуцираше нејзината успешна претстава „Стапица за глувци“, изјави за радиото на Би-би-си во 1955 година дека Кристи имала извонреден дар за создавање целосно формирани сцени и приказни во главата. „Еднаш ја прашав како оди новата драма. Готова е, ми рече таа. Но, кога ја прашав дали може да ја прочитам, таа одговори толку разоружувачки: О, јас не ја напишав“ Од нејзина перспектива, драмата била разработена до последниот детаљ, од почетокот до крајот. Пишувањето било чин на обична физичка работа.“
Ова чувство го повтори и основачот на „Пингвин букс“, сер Алан Лејн, кој рече дека во 25 години блиско пријателство никогаш не „го слушнал кликот на нејзината машина за пишување… и покрај зачудувачкото количество и квалитет што таа постојано ги произведува“. Тој рече дека без разлика дали станува збор за организирање дневна работа во кампот на експедиција во месопотамиската пустина или за ракотворби навечер, „додека таа ги правеше сите овие разни работи, во нејзината глава се создаваше некоја нова претстава или роман на Агата Кристи“.

Најдолгогодишната претстава во Велика Британија

Иако Кристи веруваше дека книгата може да се заврши за три месеци, таа рече дека претставите се „подобро напишани побрзо“. Во времето на профилот на авторката на Би-би-си во 1955 година, три од нејзините претстави се прикажуваа во лондонскиот Вест Енд. „Стапица за глувци“ веќе уриваше рекорди на билетарниците, а само три години по премиерата започна со изведба и како радиодрама на Би-би-си наречена „Три слепи глувци“, која во 1947 година беше емитувана како дел од вечерната програма.
Пишувањето претстави е „многу позабавно од пишувањето книги, според Кристи. Таа рече: „Не мора да се грижите за долги описи на места и луѓе или како да го распоредите материјалот. И мора да пишувате доста брзо за да ги одржите расположението и разговорот природно да течат“.
Во 1973 година Кристи присуствуваше на забавата по повод 21-от роденден на „Стапица за глувци“ во хотелот „Савој“ во Лондон. Нејзиниот оригинален главен актер Ричард Атенборо исто така беше присутен и предвиде дека „може да се прикажува уште 21 година“. Тој додаде: „Не би ја ставил во иста класа како катедралата ’Свети Павле’, но Американците сигурно одлучуваат дека она што треба да го направат ако дојдат во Лондон е да одат и да ја гледаат ’Стапица за глувци’“. Откако стана најдолгогодишна претстава во Велика Британија во 1957 година, единственото нешто што можеше да ја запре беше пандемијата на ковид во 2020 година, а во март 2025 година ја прослави својата 30.000-та изведба и се изведува и денес.
Атенборо беше интервјуиран и за профилот на авторката на Би-би-си во 1955 година, велејќи дека Кристи е „речиси последната личност на светот што би ја поврзале со криминал, насилство или нешто што ја смрзнува крвта или е драматично“. Сумирајќи ја нејзината мистерија, тој рече: „Едноставно не можевме да го преболиме фактот дека оваа многу тивка, прецизна, достоинствена дама можеше да ни предизвика морници и да ги фасцинира луѓето низ целиот свет со нејзиното мајсторство на напнатост и дарба за создавање таква атмосфера на терор на сцената и на екранот“.