Васил Атанасов – 50 години на сцена

Обоистот Васил Атанасов годинава одбележува 50 години уметничка дејност. По тој повод, на 27 април во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица во 20 часот ќе одржи концерт, додека на 28 април концертот „Васил и пријателите“ е закажан во Скопје.

Kога ќе се навратите на самиот почеток, што беше пресудно да ја изберете токму обоата како ваш инструмент?
– На самите почетоци сѐ помина многу брзо како детски сон. Желбата за музика, талентот и фамилијарната надареност на сите членови од моето семејство, мојата мајка, татко, моите браќа, кои секојдневно ја негуваа музиката, секако сето тоа беше нашиот фолклор и беше дел од животот на нашето семејство, па поради тоа ме упатија во Средното музичко училиште во Штип. Изборот на инструмент беше малку деликатен, бидејки мојата детска желба беше друга, но се определив за интересен и редок инструмент веројатно и од самите мои предиспозиции и препорака на професорите од комисијата. Ја знаев обоата само од слика од учебникот по музичко и од мелодијата од балетот „Лебедово езеро“, и од приказните дека има наши врвни македонски музичари обоисти во Белград и Љубљана.

Кој момент или концерт од вашата богата кариера би го издвоиле како особено значаен?
– Па, навистина имав доста патувања, настапи и концерти насекаде по Европа и светот и тешко е да се издвои, бидејќи секој настап има своја убавина и доживување. Сепак настапот во Москва со камерен оркестар и познатиот фаготист проф. Валери Попов и маестро Николаев ќе ми биде во долго сеќавање. Во салата „Рахманинов“, каде што твореле руските великани, прекрасен уметнички амбиент, имавме одличен настап. Аплаузите на прекрасната публика и, секако, моите изведба на македонско дело и реакцијата на публиката ми оставаат убави сеќавања. Инаку, знаете, кога одите на концерт многу далеку како Сеул, Јужна Кореја, се среќавате со една сосема друга култура. Одржав семинар по обоа на Музичката академија во Сеул. Или мојот настап, пак, во деликатно време на мојата татковина во односите со Грција, каде што имав успешен концерт на меѓународниот фестивал во Волос, свирев со грчкиот колега пијанистот Мастројанис разнолика програма, но и македонски автор, и добив дури две фантастични рецензии, тоа не се заборава!
Дали низ годините се менуваше вашиот уметнички израз и што денес за вас значи добра интерпретација?
– Секако, со многубројните настапи уметникот поминува на изведби на многу дела од различни епохи, стекнува искуство и со самата возраст се гради зрелоста на секој уметник. Но првенствено важно за секој уметник е дека го има знаењето на класичните стилови барок и класика, кои се стандарди и без кои не може да функционира уметникот, сѐ потоа е полесно. Секако, тука е и модерната музика, која ни ја носат сите општествено-политички промени, новите дела со нови побарувања како глисанда, флатерцинг, двојни тројни тонови изведени на обоа, тоа е предизвик за секој уметник. Ги следев новите трендови и сакав да изведувам нова музика од светски автори. Кај нас премиерно сум ги извел Рихард Штраус – концерт за обоа и оркестар, Берио – секвенца, И.Џун – Импровизација и др., но и македонските автори, кои и напишале некои дела посветени за мене како Томе Манчев – соната, Тома Прошев – концерт за обоа, англиски рог и зурла и симфониски оркестар. На тие изведби сум многу горд.

Јубилејните концерти во Струмица и во Скопје сигурно имаат посебна емоционална тежина за вас. Што подготвувате за публиката?
– Секако, тие настани, јубилејни концерти, се со повод и повеќе обврзувачки бидејќи уметникот ја споделува радоста со средината од која потекнува, мојот роден град Струмица, и е длабоко емоционално поврзан со своите корени, а од друга страна во Скопје се целиот мој уметнички живот, кариера и успеси. Затоа радоста и возбудата се големи, како и поради тоа што учествуваат и мои блиски пријатели, колеги и долгогодишни соработници, како и членови од моето семејство. Програмата ќе биде разнолика, издржана и допадлива и оформена и од самите учесници. Застапени се дела од барок, класика, романтика, џез-адаптации и македонски автори, што е предизвик и за мене и за моите гости. Се надевам дека публиката ќе ужива во изведбите.

Долги години бевте и педагог, па што е најважното што се обидувавте да им го пренесете на младите музичари?
– Долги години бев професор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а извесен период и професор на ФМУ по камерна музика. Тоа ми причинуваше големо задоволство, а моите ученици беа вредни, работливи, постигнаа одлични резултати и се добитници на повеќе од сто државни и меѓународни награди на повеќе натпревари. Најважно беше да им ја пренесам љубовта кон инструментот и музиката, начинот на работа да им биде задоволство, и се радувам дека во тоа бев доста успешен, бидејќи обоата е еден од најтешките дувачки инструменти, каде што прво тешко се произведува звук (тон) поради двојната пластинка (писка), а потоа доаѓа техничкиот дел совладување на дишењето и контролирано испуштање на воздух во писката, и секако совладување на техниката на свирење, стилско свирење итн.

Како ја гледате денес позицијата на класичната музика кај нас и какви промени се потребни за да се издигне на повисоко ниво?
– Класичната музика е на солидно ниво со подобрување на статусот на професионалните уметници, како и работните услови. Ја имаме Македонската филхармонија со две одлични сали и услови за работа, а Операта го имаше тоа од порано, репертоарски изведба на доста нови дела, премиерни изведби, а сето тоа придонесува за подобрување на квалитетот. Сѐ уште голем проблем е мешањето на политиката во изборот на управните органи и раководните лица во институциите од културата, а тоа е погубно за уметноста. Мора да сфатиме сите дека индивидуалните вредности во речиси сите професии некогаш се пресудни за постигнување врвни резултати, а знаете дека без квалитет и авторитети нема напредок. Затоа сега се оди многу на популарни жанрови, кои не придонесуваат за висок уметнички престиж туку само за забава на публиката, а тоа не е добро.

Сања Јачевска