Асим Мунир има впечатлив пристап во посредувањето за мировен договор меѓу САД и Иран. Набрзо откако претседаваше со најважниот состанок помеѓу заколнатите непријатели во последните децении, началникот на Генералштабот на пакистанската армија, Мунир, помина неколку дена во Техеран на средби, не само со политичкото раководство на Иран туку и со иранските безбедносни сили и Револуционерната гарда.
Мунир, кој е најмоќната личност во Пакистан, притоа цело време бил во телефонски контакт со Белата куќа, велат луѓе блиски до фелдмаршалот. Тој изградил зајакнати односи меѓу САД и Пакистан, врз основа на соработката во која се вклучени зделки за аморфни минерали, криптовалути и за недвижности во Менхетн, како и номинацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир од страна на Исламабад.
Пакистан како изненадувачки водечки посредник
Со малку искуство во претходните преговори меѓу САД и Иран, Пакистан се појави како изненадувачки водечки посредник, но се соочува со најголемиот тест откако обидите за оживување на разговорите пропаднаа неделава. Мунир им се придружи на долгата низа посредници, од европските земји до Катар и Оман, кои се обидоа, со ограничен успех, да посредуваат во решавањето на долгогодишното непријателство меѓу САД и Иран.
Пакистанскиот пристап значително се разликува од методите на претходните посредници во разговорите за нуклеарната програма на Иран, како при речиси двегодишните мачни преговори во Женева и Виена, со кои беше запечатен нуклеарниот договор од 2015 година што Техеран го потпиша со администрацијата на Барак Обама.
Европските претставници што посредуваа во тој договор исто така ги следеа интересите на своите држави, бидејќи тие ќе бидат застапени во договорот. Сите зависеа од големи експертски тимови, кои заседаваа со часови. Трамп подоцна го укина тој договор.
Мунир, од своја страна, ги комбинираше врските со безбедносниот естаблишмент на Иран заедно со лични врски со американскиот претседател, кој минатата недела за Пакистанецот рече дека е „фантастичен“. Тој исто така има добри врски со Иранската револуционерна гарда и го разбира нивниот јазик, според Али Ваез, специјалист за Иран во Меѓународната кризна група.
Ваез рече дека со тоа што престојувал со денови во Техеран, контактирајќи со дипломати и со воениот естаблишмент, Мунир се обидувал со пристап кон медијацијата што го опфаќа целиот систем.
– Тоа помага во создавањето консензус, бидејќи нема центар на моќ во Иран што се чувствува изоставено – посочува Ваез.
Напорите на Мунир да ги врати завојуваните страни на преговарачката маса западнаа во ќор-сокак во вторникот, кога Иран се спротивстави на притисокот да се врати во Исламабад за разговори со САД. Тој неуспех го покажа обемот на задачата на Мунир, додека тој се соочува со завојуваните страни меѓу кои постои длабока недоверба. Неговите напори беа попречени од инсистирањето на Трамп дека американската поморска блокада врз иранските пристаништа ќе остане додека не биде постигнат договор, како и од одбивањето на Техеран целосно да го отвори Ормускиот Теснец.
Трамп се согласи да го продолжи прекинот на огнот, повикувајќи се на барање од Мунир и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф. Но имаше мал напредок во клучните точки на спорот – за нуклеарната програма на Иран и за прашањето за високозбогатениот ураниум.
Пакистанските власти инсистираат дека сè уште работат на премостување на поделбите. Но Мунир мора да се справи со непредвидливиот и воинствен американски претседател и со воинствениот режим во Техеран, кој верува дека има предност.
– Освен ако Трамп не ја повлече американската поморска блокада, не гледам како Иранците би се согласиле да учествуваат на мировни преговори – нагласува Ваез.
Повеќето поранешни медијатори меѓу САД и Иран не успеаја да постигнат трајни резултати. Откако Трамп го напушти нуклеарниот договор од 2015 година за време на неговиот прв мандат, ЕУ и таканаречената Е3 – Велика Британија, Франција и Германија – подоцна ги олеснија индиректните разговори меѓу администрацијата на Џо Бајден и Техеран, но не успеаја да го обноват договорот.
Кога Трамп се врати на функцијата и одлучи да одржи индиректни разговори со Техеран, Оман стана клучен олеснувач. Но Трамп сакаше брз договор и побара Иран да се откаже од својата способност за збогатување ураниум, што е црвена линија за Техеран. Двапати за време на разговорите Трамп нареди напади врз Исламската Република.
Откако САД ги почнаа воените дејства во февруари, земјите од Персискиот Залив се најдоа под оган, а Пакистан се вклучи во дипломатскиот спор. Исламабад ги продлабочи своите односи со Техеран, и покрај тоа што двете страни разменија прекугранични напади во 2024 година. Пакистанските разузнавачки служби тесно соработуваа со Револуционерната гарда за да ги искорени сепаратистите од Белуџите и шверцерските патишта по должината на заедничката граница од 900 километри, изјавија пакистански претставници.
За време на неговите мандати како раководител на Меѓуслужбената разузнавачка агенција на Пакистан и крилото на военото разузнавање, Мунир се запознал со различните бази на моќ на Иран. Месецов тој го посетил заедничкиот штаб на воената команда на Иран во Техеран и се сретнал со нејзиниот шеф, генерал-мајор Али Абдолахи.
Подемот на фелдмаршалот во орбитата на Трамп беше поневеројатен, потпомогнат од низата договори меѓу САД и Пакистан и одбивањето на Пакистан да го критикува претседателот за време на војната против Иран, дури и кога го осуди Иран за неговите напади врз земјите од Заливот.
Мунир предложи да дејствува како посредник минатото лето, кратко откако САД се приклучија на 12-дневната војна на Израел против Иран за бомбардирање на иранските нуклеарни објекти, велат луѓе запознаени со разговорите. Тој неодамна се сретнал со претседателот Трамп и присуствувал на состанок со покојниот ајатолах Али Хамнеи.
Зацврстена пакистанска „офанзива на шарм“
Но „офанзивата на шарм“ на Пакистан, според сегашни и поранешни пакистански и американски функционери, е зацврстена од трајниот страв дека Трамп може да се сврти против Исламабад, да ги заостри санкциите врз пакистанската програма за балистички ракети и да го отстрани спасувачкиот пакет од ММФ од седум милијарди долари.
Мунир исто така мора да се справи со претпазливоста на Иран кон улогата на Пакистан, велат аналитичарите, поврзана со зависноста на Исламабад од САД и односите со Саудиска Арабија, со која Пакистан потпиша договор за меѓусебна одбрана минатата година. Во Техеран расте стравот дека САД ги користат разговорите како трик за продолжување на војната, бидејќи Трамп ја одржуваше поморската блокада и оваа недела се фалеше дека Иран се согласил со повеќето од неговите барања. Техеран ги исмејуваше коментарите на Трамп, а водечкиот преговарач на Иран, Мохамед Багер Галибаф, неделава изјави дека нема да преговара „под сенка од закани“.
– Иранците ќе му зададат тешкотии на Мунир и ќе прашаат зошто толку силно инсистира на медијација – дали е тоа искрено или е дел од трик за да ги натера да го спуштат гардот – рече Вали Наср, поранешен американски функционер и професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Наср рече дека Пакистанците биле сериозни соговорници, „но она што не можат да го испорачаат се какви било гаранции за однесувањето на Трамп“. Мунир ја познава Револуционерната гарда и може да зборува „на јазикот на војската со војската“, додаде Наср, но „немал длабок однос со нив“.
Откако Мунир се врати во Исламабад минатата недела од Техеран, пакистанските медијатори им кажаа на Белата куќа и на регионалните сојузници дека се уверени оти Иран ќе присуствува на разговорите, рекоа две лица запознаени со ова прашање. Во исчекување, властите блокираа делови од градот. Надевајќи се на привремен договор, тие се подготвија да го облеат Исламабад со знаци што го слават „Мировниот договор во Исламабад“, рече еден функционер. Кога тие напори пропаднаа, пакистанските претставници не дадоа јавни коментари за поморската блокада на Трамп – клучната точка на сопнување на Иран – и наместо тоа, се чини дека го обвинуваат Техеран.
Исламабад зазеде сличен пристап кога континуираната офанзива на Израел против Хезболах во Либан се закани да го попречи прекинот на огнот меѓу САД и Иран. Шариф јавно изјави, во согласност со толкувањето на Иран, дека Либан е вклучен во примирјето. Но Исламабад не одговори отворено на тврдењето на САД и Израел дека не е, бидејќи Израел започна огромна кампања за бомбардирање во Либан. Наместо тоа, Мунир, Шариф и министерот за надворешни работи Ишак Дар приватно ги повикаа владите на САД и Европа да извршат притисок врз Израел да го запре нападот, велат луѓе запознаени со ситуацијата. Тивкото молчење на Пакистан отвори прашања за неутралноста на Исламабад во рамките на Иран и земјите што ги поддржуваат напорите за медијација, рекоа двајца регионални дипломати.
Објавите на Трамп на мрежата Трут сошл во кои се оцрнува Иран, неговите закани за уништување на „целата цивилизација“ и тврдењата дека Иран молел за договор исто така го направија процесот многу потежок, според регионалните дипломати. Посетата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во Пакистан претходно месецов бледнее во споредба со 19-те дена што поранешниот државен секретар на САД, Џон Кери, ги помина во Виена работејќи на нуклеарниот договор од 2015 година, кој има 160 страници.
Пакистанците главно се обидуваат да ги убедат Иранците да се приспособат на американската позиција, а не нужно да смислат креативни идеи за тоа како да се премостат несогласувањата. Тие не се толку искусни како Катарците или Оманците и се склони кон обиди за поттикнување на едната или другата страна да покаже флексибилност – наместо да смислат свои решенија.
































