Сè повеќе земји се насочуваат кон нуклеарната енергија 40 години по катастрофата во Чернобил
Четири децении по катастрофата во Чернобил од 1986 година низ целиот свет се забележува преродба во развојот на нуклеарната енерија, тренд што доби голем поттик од војната на Блискиот Исток.
Над 400 нуклеарни реактори се оперативни во 31 земја, додека уште околу 70 се во изградба. Нуклеарната енергија сочинува производство на околу 10 отсто од светската електрична енергија, што е еквивалентно на околу една четвртина од сите извори на нискојаглеродна енергија. Нуклеарните реактори имаат постојани подобрувања, додавајќи повеќе безбедносни карактеристики, што ги прави поевтини за изградба и работа.
– Додека Чернобил и нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, во 2011 година го намалија интересот за такви извори на енергија, уште пред повеќе години беше јасно дека веројатно ќе има преродба. Со војната на Блискиот Исток, сосема сум сигурен дека нуклеарната енергија се враќа. Таа се смета за безбеден систем за производство на електрична енергија и ќе видиме дека враќањето на нуклеарната енергија ќе биде многу силно, и во Америка и во Европа и во Азија – рече Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија.
Соединетите Американски Држави се најголемиот светски производител на нуклеарна енергија, со 94 оперативни реактори, кои сочинуваат околу 30 отсто од глобалното производство на нуклеарна електрична енергија. И ги зголемуваат напорите за развој на капацитетот за нуклеарна енергија за да го зголемат четирикратно до 2050 година.
– Светот не може да ги напојува своите индустрии, да ги задоволи барањата на вештачката интелигенција или да ја обезбеди својата енергетска иднина без нуклеарна енергија – изјави минатиот месец американскиот државен потсекретар Томас Динано.
Кина управува со 61 нуклеарен реактор и е водечка во светот во изградбата на нови единици, со речиси 40 во изградба, со цел да ги надмине САД и да стане светски лидер во нуклеарниот капацитет.
ЕУ признава дека откажувањето од нуклеарната енергија било стратешка грешка
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека намалувањето на нуклеарната енергија била „стратешка грешка“ на Европа и изнесе нови иницијативи за поттикнување изградба на електроцентрали.
Во меѓувреме, Русија презеде силна водечка улога во извозот на своето нуклеарно знаење, градејќи 20 реактори низ целиот свет.
Реакторот број 4 во Чернобил експлодираше на 26 април 1986 година, додека Украина сè уште беше дел од Советскиот Сојуз. Несреќата ги контаминираше околните области и исфрли зрачење низ цела Европа. Украина сè уште во голема мера се потпира на нуклеарните централи за производство на околу половина од својата електрична енергија. Овие централи беа во фокусот на вниманието по избувнувањето на војната со Русија во 2022 година, особено откако руските сили ја зазедоа украинската нуклеарна централа „Запорожје“.
Јапонија рестартира 15 реактори откако внимателно ги процени околностите по земјотресот и цунамито што ја оштетија централата во Фукушима, а уште 10 се во процес на добивање одобрение за рестартирање.
Јужна Африка ја има единствената нуклеарна централа на африканскиот континент, иако Русија гради една во Египет, а неколку други африкански земји ја истражуваат технологијата.
Европа се обиде да се откаже од руската енергија по конфликтот во Украина, но нејзината зависност од јаглеводороди беше нагласена од војната на Блискиот Исток. Европската комисија ја промени својата перцепција за нуклеарната енергија и ја гледа како дел од чистата енергија, заедно со енергијата на ветерот и сонцето, за постигнување на климатските цели.
Во 1990 година нуклеарната енергија сочинуваше околу една третина од електричната енергија во Европа, додека сега е само околу 15 отсто, а Фон дер Лајен призна дека зависноста од увезени фосилни горива ја става ЕУ во неповолна положба.
– Верувам дека беше стратешка грешка за Европа да му го сврти грбот на сигурен, достапен извор на енергија со ниски емисии. Во последните години гледаме глобално оживување на нуклеарната енергија. А Европа сака да биде дел од тоа – рече таа неодамна.
ЕУ разгледува развој на мали модуларни реактори, кои се очекува да станат оперативни на почетокот на 2030-тите. Тие се сметаат за поевтини и побрзи за изградба и пофлексибилни од традиционалните реактори.
Франција и неколку други членки на ЕУ, вклучувајќи ги и Шведска и Финска, беа предводници во употребата и развојот на нуклеарната енергија.
Со 57 реактори во 19 електроцентрали, Франција се потпира на нуклеарна енергија за речиси 70 отсто од својата електрична енергија.
Руска нуклеарна експанзија и извоз на реактори
Русија силно го прошири својот капацитет за нуклеарна енергија и на домашен и на меѓународен план. Таа има 34 оперативни реактори, вклучувајќи осум реактори РБМК од типот на оние во Чернобил, познати како реактори со лесен воден графит, под кои потпаѓа околу една четвртина од вкупното производство на нуклеарна енергија. Тие претрпеле обемни модернизации, додавајќи безбедносни карактеристики за да се поправи дизајнерската грешка што, заедно со човечка грешка, ја предизвика катастрофата во Чернобил.
Клучните проекти во изградба вклучуваат нови единици на локациите Курск, Ленинград и Смоленск, потенцијална централа на Далечниот Исток и потенцијални пловечки нуклеарни единици. Русија исто така гради 20 реактори во Европа, Африка, Азија и Блискиот Исток, а потпиша договори за започнување изградба во неколку други земји. Русија го изгради првиот нуклеарен реактор за соседна Белорусија, чија територија делумно е контаминирана од несреќата во Чернобил.
































