Дали изземањето на Грција од новиот систем за регистрација на влез и излез од ЕУ (ЕЕС) е преседан на една ЕУ-членка, „бенигна аберација“ (нештетно отстапување од нормалното) или кршење обврзувачки правен акт на ЕУ
- Во сржта на грчката одлука за изземање на британските туристи од новиот систем за влез и излез од Европската Унија (ЕЕС), ние би се осврнале на аспектот за тоа колку далеку може да оди една земја членка во „приспособувањето по свое“, па дури и со игнорирање или непочитување на правилата на ЕУ?
- Прашањето е дали ЕУ ќе толерира вакви „приспособувања“ кога станува збор за витални индустрии. Историјата покажува дека Унијата знае да биде флексибилна кога станува збор за практични проблеми, особено во граничното управување. Но, истовремено, таа е многу чувствителна на селективна примена на правилата
Одлуката на Грција да ги поштеди британските туристи од новиот систем за регистрација на влез и излез од ЕУ, познат под кратенката ЕЕС (Entry/Exit System – EES), отвори многу повеќе прашања отколку што понуди одговори. Во пресрет на уште една рекордна туристичка сезона, грчката мерка се разбира дека изгледа прагматично за Атина, бидејќи носи пари во државниот буџет со побрз проток на патници, и квантитативно и квалитативно, потоа сето тоа со помал метеж и задоволни туристи со потенцијал да дојдат повторно и во уште поголем број. Но во сржта на оваа одлука, ние би се осврнале на аспектот за тоа колку далеку може да оди една земја членка во „приспособувањето по свое“, па дури и со игнорирање или непочитување на правилата на Европската Унија?
ЕЕС не е препорака, туку обврзувачки правен акт на ЕУ
Со системот ЕЕС, дизајниран од Европската комисија (владата на ЕУ), треба да се воведе дигитална евиденција на влез и излез за државјани од трети земји, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, по брегзитот. Наместо печати во пасош, системот користи биометриски податоци, односно отпечатоци од прсти и фотографија, со цел да се зголеми безбедноста, да се спречат злоупотреби и да се следи прекршување на дозволениот престој во шенгенската зона. Клучно е тоа што системот „ЕЕС – НЕ Е ПРЕПОРАКА“, туку обврзувачки правен акт на ЕУ. Тоа значи дека неговата примена треба да биде унифицирана во сите земји членки што се дел од Шенгенскиот договор.
Може ли држава сама да „паузира“ европско правило?
Краткиот одговор е – „НЕ“, барем не еднострано и не трајно. Имено, правниот поредок на ЕУ се темели на принципот на „примат на европското право“, што има предност над националното. Тоа значи дека земјите членки не можат произволно да одлучат да не применуваат регулатива или систем како ЕЕС. Сепак, реалноста е покомплексна.
Во пракса, имплементацијата на големи системи како ЕЕС често се одложува, фазно се воведува или се адаптира поради технички и оперативни причини.
Ако грчката мерка е временска, логистичка и координирана со европските институции, тогаш таа не мора да значи прекршување, туку наводно би се толкувала како „транзициска флексибилност“.
Но ако станува збор за еднострана политичка одлука без согласност од Брисел, тогаш тоа би можело да отвори „постапка за прекршување“ против Грција.
Туризмот како аргумент над правото?
Со речиси 38 милиони туристи годишно, Грција е економски силно зависна од туризмот. Британските посетители, кои се речиси 5 милиони на годишно ниво, се меѓу најважните. Во тој контекст, одлуката може да се чита како класичен судир меѓу економски интерес и регулаторна дисциплина. Прашањето е дали ЕУ ќе толерира вакви „приспособувања“ кога станува збор за витални индустрии. Историјата покажува дека Унијата знае да биде флексибилна кога станува збор за практични проблеми, особено во граничното управување. Но, истовремено, таа е многу чувствителна на селективна примена на правилата.
Преседан или изолиран случај?
Овој потег не е нужно преседан. Барем не сè уште. Во минатото имало случаи на одложена или нецелосна примена на европски системи, но тие обично биле формално координирани. Клучната разлика е дали постои согласност од Европската комисија или барем премолчено одобрување.
Ако други земји почнат да се повикуваат на „грчкиот модел“ за да избегнат обврски, било во миграција, фискална политика или владеење на правото, тогаш навистина би можело да се зборува за „ерозија на системот“.
– Во одлуката на Атина може да се препознаат и елементи на „тивка дезинтеграција“ на ЕУ. И тоа претставува навистина ризик. Но најголемиот ризик не е во самиот потег туку во неговата потенцијална репликација. ЕУ функционира врз доверба дека правилата важат еднакво за сите. Ако таа доверба се наруши, се отвора простор за т.н. „тивка дезинтеграција“, не формално распаѓање, туку постепено слабеење на заедничките политики. Во тој контекст, грчката одлука може да биде тест за Брисел. Имено, дали Унијата ќе инсистира на строга примена или ќе дозволи прагматични исклучоци – интересно констатираат нашите соговорници, експерти за процедурите на ЕУ.
Баланс меѓу националниот интерес и заедничките правила
На прв поглед, ова е техничка одлука за олеснување на туристичкиот проток. Но на подлабоко ниво, таа допира до едно од најчувствителните прашања во ЕУ, а тоа е балансот меѓу националниот интерес и заедничките правила.
– Ако станува збор за координирана, привремена мерка, тогаш системот функционира токму како што треба – со доволно флексибилност за реалниот свет. Но ако ова прерасне во практика на селективно почитување на правилата, тогаш не е проблем само ЕЕС туку и самиот темел на европскиот правен поредок. Во моментов линијата меѓу прагматизам и преседан е тенка и, верувајте, внимателно се набљудува од Брисел – велат нашите соговорници. П.Р.
































