„Протечен“ мејл на Пентагон направи тектонски внатрешен потрес во НАТО
- Таен мејл од Пентагон открива сценарија за казнување на „непослушните“ членки. Според претседателот на САД, Доналд Трамп, тоа е Шпанија, додека Велика Британија е под знак прашалник. Но симптоматично е тоа што во содржината на „протечениот мејл“ се споменува „исфрлање“ некои членки на НАТО, како мерка за казнување…
Ексклузивната објава на реномираниот медиум „Ројтерс“ за наводен интерен мејл од Пентагон отвори сериозни прашања за иднината на НАТО, кој со децении се смета за столб на западната безбедност. Според содржината на протечената комуникација, „администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува опции за казнување сојузници“ што, според Вашингтон, „не даваат доволна поддршка во конфликтот со Иран“.
Најконтроверзниот предлог има содржина за потенцијално „исфрлање“ на Шпанија од НАТО. Но, според нашите соговорници, предлогот не само што е правно спорен туку е и политички експлозивен.
Правно невозможно, политички симптоматично
– Иако формално САД не можат еднострано да исфрлат членка од НАТО, самото разгледување таква опција говори за длабока криза во Алијансата. НАТО функционира врз основа на консензус, а не на хиерархија. Тоа значи дека дури и најмоќната членка, САД, нема формален механизам за „казнување“ со исклучување – велат познавачи на состојбите и функционирањето на НАТО.
Сепак, нашите соговорници во однос на примерот со протечениот мејл велат дека постојат соодветни и други начини на притисок во рамките на Алијансата.
– Мерки на дисциплинирање одредени членки на НАТО, од страна на посилните членки, како што се САД, се на пример исклучување од клучни позиции или ограничување на пристапот до разузнавачки информации, како и намалување на воената соработка. Овие мерки, иако неформални, може сериозно да ја ослабат позицијата на една држава во рамките на Алијансата – тврдат нашите соговорници.
Шпанија како симбол на отпорот
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, веќе подолго време се позиционира како еден од најгласните критичари на американската стратегија кон Иран. Одбивањето да се овозможи неограничен пристап до воени бази и воздушен простор е токму она што Вашингтон го смета за „апсолутен минимум“. Но Шпанија не е изолиран случај. Слични резерви има и кај Франција и кај Велика Британија. Тоа укажува на поширок европски скептицизам кон американските воени интервенции.
Фантомскиот „иранско-ирачки“ наратив и реалната геополитика
Интересно е што во дискурсот на администрацијата на Трамп често се појавува реторика што потсетува на минати конфликти, како што е на пример конфликтот помеѓу Иран и Ирак. Но реалноста денес е многу покомплексна.
Да потсетиме, денешните тензии во Персискиот Залив се дел од поширока геополитичка пресметка, во која се вклучени и Израел, Кина и Русија…
Контролата врз Ормускиот Теснец останува клучна точка. Околу 20 отсто од светската нафта поминува низ овој теснец, што го прави секој конфликт таму глобален проблем.
Фокландите како нова точка на притисок
Дополнително е алармантен делот од мејлот што сугерира „преиспитување“ на американската поддршка за британскиот суверенитет над Фокландските Острови. Ова прашање е историски чувствително и поврзано со војната за Фокландските Острови (помеѓу Британија и Аргентина). Со тоа, Вашингтон индиректно испраќа порака дека дури и најблиските сојузници немаат „имунитет“ за геополитички условувања.
Дали НАТО се распаѓа одвнатре?
Ова не е првпат да се зборува за криза во НАТО. Се сеќаваме на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон кога тој даде опис за НАТО со зборовите дека е „мозочно мртов“.
Според нашите соговорници, причините за кризата во НАТО се повеќеслојни.
– Прво, различни се безбедносните приоритети, односно членките од Источна Европа се фокусираат на Русија, додека САД се насочени кон Блискиот Исток и Кина. Второ, тука е факторот енергетска зависност. Многу европски земји сè уште зависат од увоз на енергенти, што ги прави внимателни во конфликти со Иран. Трето, постојат и внатрешнополитички притисоци. Јавноста во Европа е сè понеподготвена за нови воени ангажмани. И четврто, тука е повторно за издвојување евергрин-факторот на „американскиот унилатерализам“! Политиката „Америка на прво место“ создава впечаток дека НАТО е инструмент, а не партнерство – образложуваат нашите соговорници.
Сценарија за иднината
Според нив, ако ваквите тензии продолжат, можни се неколку развојни сценарија по кои може да се движи Алијансата.
– Засега, сѐ уште сценарио со најголема веројатност е дека ќе има формално останување на Алијансата, но во реалноста ќе тлее процесот на фактичко распаѓање. Имено, НАТО ќе постои на хартија, но без вистинска кохезија. Друго сценарио или тек на настани е дека ќе созрева таканаречената „европска одбранбена автономија“. По тој тек на настаните, ЕУ може да развие сопствени безбедносни структури независни од САД. И на крајот, сценарио или тек на настани со најмала веројатност е дека ќе има редефинирање на НАТО, и тоа, радикално, со нов договор, кој ќе ги прецизира обврските и ограничувањата – велат познавачите на состојбите и добро упатени наши извори за состојбите и функционирањето на Алијансата.
Протечениот мејл на Пентагон е аларм што не смее да се игнорира
Дури и ако протечениот мејл не резултира со конкретни мерки, самиот факт дека вакви идеи циркулираат на високо ниво е сигнал за сериозна ерозија на довербата.
– НАТО, создаден како одговор на заканите од Студената војна, денес се соочува со најголемиот предизвик. Тој не доаѓа од надворешен непријател, туку од внатрешни поделби. Прашањето повеќе не е дали Алијансата ќе се промени, туку дали ќе преживее во својата сегашна форма – поентираат нашите соговорници. Р.С.
































