Dimitrieska Kocoska Slavevski
Фото: МИнистерство за финансии

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во рамки на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка во Вашингтон, оствари средба со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли. На состанокот присуствуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Како што соопшти Министерството за финансии, на средбата била поздравена заложбата на Владата за фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит под 3 проценти на среден рок.

Димитриеска-Кочоска истакнала дека Владата останува посветена на постепена фискална консолидација, паралелно со поддршка на економскиот раст преку високо ниво на капитални инвестиции.

 – Клучен приоритет е одржување на стабилноста на јавните финансии, особено во услови на глобални предизвици кои силно влијаат врз мали и отворени економии како нашата – изјавила министерката.

Таа нагласила дека се преземаат мерки за зајакнување на економската активност, која бележи позитивен тренд со раст од околу и над 3 проценти во втората половина на 2024 и во текот на 2025 година.

На средбата било потенцирано дека фискалната консолидација е клучна за создавање простор за реакција во услови на криза. Во тој контекст, станало збор и за мерките за поддршка на економијата и граѓаните поради зголемените цени на енергенсите, како последица на конфликтите на Блискиот Исток.

Соговорниците се осврнале и на извештајот од ММФ според член 4, при што биле поздравени препораките и напредокот во реформите во јавните финансии, за кои земјата добива експертска поддршка од Фондот.

Исто така, била поздравена и новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан и Молдавија, насочена кон зајакнување на институциите и усогласување со европските стандарди.

Гувернерот Славески ја истакнал определбата на Народната банка за водење претпазлива, конзистентна и кредибилна монетарна политика, која е насочена кон одржување на стабилноста на цените и заштита на финансиската стабилност во услови на засилена глобална волатилност и неизвесност.

Во разговорите било нагласено и значењето на независноста на централните банки, вклучително и нивната оперативна и финансиска независност, како клучен предуслов за ефективно и навремено спроведување на монетарната политика и за одржување на довербата во институциите. Во овој контекст беше истакнато дека стабилните институционални рамки се особено важни во периоди на зголемени надворешни шокови и брзи промени во глобалното окружување.