Фото: Пиксабеј

Фризерските салони би можеле да играат поважна улога во поттикнувањето на јавната дискусија за климатските промени отколку што се сметаше претходно, според нова студија на британски научници. Според нивните наоди, ваквите салони се места каде што разговорите природно се развиваат, па затоа би можеле да послужат како ефикасен канал за поттикнување одржливи навики.
Студијата ја спроведоа истражувачи од Центарот за климатски промени и социјална трансформација на Универзитетот во Бат, во соработка со неколку други британски универзитети. Тие заклучија дека фризерските салони функционираат како еден вид „центри на доверба“ каде што луѓето се подготвени да разговараат за разни теми, вклучително и климатските промени.

Фризерите се познати по нивната комуникација со клиентите

Фризерите, покрај нивната вештина за потстрижување и стилизирање на косата, се познати по нивната комуникација со клиентите. Работејќи, тие често разговараат за секојдневни теми како што се патувања, планови за викенд или деловни проблеми, поради што тие често стануваат еден вид советници и соговорници на кои клиентите со задоволство им се доверуваат.
Истражувачите спроведоа длабински интервјуа со 30 сопственици и менаџери на салони во Обединетото Кралство за нивните искуства со одржливоста и климатските промени, а потоа поставија експеримент во 25 одржливо ориентирани салони низ целата земја.
– Како дел од проектот беа користени таканаречените разговорници на огледала – кратки пораки со еколошки совети поставени на огледала во салоните, дизајнирани да поттикнат разговор за одржлива нега на косата.
– Повеќето луѓе мислат на зелен производ како производ со рециклирана амбалажа, но најголемиот дел од јаглеродниот отпечаток на шампонот всушност доаѓа од топлата вода што се користи при миење на косата – објаснува Дениз Баден од Универзитетот во Саутемптон.
Тој додава дека едноставните пораки, како што е советот дека повеќето луѓе користат премногу шампон или премногу често ја мијат косата, можат да го поттикнат разговорот дека пореткото миење и на пониска температура заштедува енергија, вода и пари, а наедно е подобро за косата и кожата.

Промени во навиките на клиентите

Резултатите од истражувањето покажаа дека речиси 73 проценти од клиентите би ја промениле својата рутина за нега на косата по разговорите поттикнати од вакви пораки. Некои учесници во истражувањето изјавиле дека почнале да користат поеколошки производи, ја намалиле температурата на водата при миење на косата или ги промениле другите навики во домаќинството.
Научниците веруваат дека ова покажува дека фризерите имаат „недоволно искористен потенцијал“ за вклучување на темите за климата во секојдневните разговори. Затоа, тие ги повикуваат креаторите на политики да размислат за поширока употреба на алатки како таканаречените разговорници на огледала и да ги препознаат фризерските салони како вредни места за јавно ангажирање во врска со климатските прашања.
– Ако сме сериозни во врска со градењето општествено движење за климатска акција, мора да инвестираме во овие често невидливи влијателни лица бидејќи вистинската промена започнува во секојдневните разговори – рече д-р Сем Хемптон од ЦАСТ.

Салоните сè повеќе се свесни за своето влијание

Во исто време, самите фризерски салони сè повеќе размислуваат за своето влијание врз животната средина. Матилда Колинс, стилистка и директорка на салонот „Пол Едмондс“ во Лондон, вели дека клиентите сè повеќе прашуваат кои состојки ги содржат производите за коса што ги користат. Салонот каде што работи веќе воведува мерки за намалување на потрошувачката на енергија, вклучително и систем за размена на топлина што ја намалува потребата од постојано загревање на водата.
Колинс верува дека иницијативите како што е „разговорници на огледала“ би можеле да имаат позитивен ефект ако се презентираат природно и ненаметливо.
– Најважен е односот на доверба меѓу стилистката и клиентот. Токму овој однос може да поттикне промени во однесувањето, на пример при избор на одредени производи. Ваквите пораки можат да бидат одлична платформа за едукација и стимул за разговор – вели Колинс.