ДЕВЕДЕСЕТ ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ЛЕОНХАРД МАЗИНГ

На 4 април 1936 година (пред 90 години), во Тарту, Естонија, почина Леонхард Готхилф Мазинг, автор на првата докторска теза за засебноста на македонскиот јазик. Балтогерманскиот лингвист Леонхард Готхилф Мазинг е роден на 21 ноември 1845 година, во селото Мустел (денес Мустјала), на островот Езел (денес Саарема) во Естонија, како четврти син на протестантскиот свештеник Карл Јоханес Мазинг. Се образувал во Лајпциг, Гетинген и Дорпат (Тарту). На 27 ноември 1890 година ја одбранил докторската теза за посебноста на македонскиот јазик со посебно внимание на рефлексите ќ (tj) и џ (dj) – еден „најатрактивен проблем“ во славистиката. Насловот на дисертацијата во оригинал гласи: „За јазичната определба на македонските Словени“. Следната година, Мазинг издава дополнителна студија кон дисертацијата со наслов „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти. Прилог кон нивната критика“.
Леонхард Мазинг над 45 години предавал на Дерптскиот универзитет на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје и одржувал курсеви по споредбено–историски граматики на индоевропските јазици, споредбена граматика на словенските наречја, црковнословенски јазик, јужнословенска дијалектика, источноевропски јазици итн. Пресвртот што ги насочува неговото внимание и интерес за македонскиот јазик се случува во Лајпциг во 1886 година при средбата со Иван А. Ѓоргов од Велес, во чиј говор препознал нешто оригинално во македонските говори и тоа го поттикнало на понатамошно љубопитство. Две години подоцна, во 1888 година во Санкт Петербург (Петроград), се сретнал со уште еден Македонец, Димитар Топеничаров од Охрид. Овие две средби го насочиле да ги прелиста веќе објавените зборници од Миладиновци, Шапкарев, Верковиќ, Драганов, Пулевски (и други) и тој без резерви изјавува дека станува збор за одделен словенски јазик со сопствен пат на развиток. Дисертацијата на Мазинг како пионерски труд е збогатена со своите специфични особености за македонскиот јазик и го претставува како различен од српскиот и бугарскиот, а тоа иницирало и понатамошни истражувања од други лингвисти, кои го отвораат патот за македонистиката.
Со докторската теза за македонскиот јазик, како и со другите свои дела, Леонхард Мазинг даде поттик за развој на македонистиката уште кон крајот на 19 век. Неговите дела привлекле и други автори на кои им била важна историјата на Кирилометодиевата писменост, култура и етнолингвистика, додека политиката и пропагандата им била туѓа. За Македонија/македонскиот јазик во 1890 година вели: „Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етно-историски граници за дефиниција на јазикот!“
Леонхард Готхилф Мазинг починал на 4 април 1936 година и е погребан на универзитетската парцела на гробиштата „Раади“ во Тарту, кои претставуваат најголеми балтогермански гробишта во Естонија, каде што почиваат голем број познати личности од науката. За жал, по Втората светска војна, во 1945 година голем број од надгробните плочи на гробиштата „Раади“ се отстранети и неговиот гроб не може да се лоцира.

Пред 11 години

Во чест на истакнатиот балтогермански лингвист Леонхард Мазинг, по повод 125 години од одбраната на дисертацијата и 170 години од неговото раѓање, на 27 ноември 2015 година во Универзитетската библиотека во Тарту беше отворена изложба посветена на животот и делото на Леонхард Готхилф Мазинг.
Иницијатор и автор на изложбата беше проф. Георги Гоце Дуртаноски од Европската христијанска академија од Летонија во соработка со Колеџот за странски јазици и славистика при Универзитетот во Тарту и проф. Љубов Кисељова. Проф. Дуртаноски неколку години ја истражуваше селектираната архивска граѓа во Државниот архив на Естонија, Универзитетската библиотека, Естонскиот литературен музеј и архивата на Естонската евангелистичка црква.

Изложбата претставува ретроспектива за животот на Леонхард Мазинг, со фокус на 125-годишнината од одбраната на докторската теза за засебноста на македонскиот јазик, како и неговите сестрани истражувања и необјавени записи за географијата, историјата и етнографијата на Македонија. Со инаугуративни говори, изложбата ја отворија директорката на Универзитетската библиотека, Лиси Лембинен, и македонскиот амбасадор во Естонија, Сашо Велјановски, а свои излагања за ликот и делото на Леонхард Мазинг имаа: директорката на Колеџот за странски јазици и славистика, проф. Љубов Кисељова, познатиот славист и поранешен професор по славистика на Универзитетот во Тарту проф. Александар Димитриевич Дуличенко, естонскиот амбасадор за Македонија Даниел Шер, почесниот конзул на Македонија во Тарту, Петер Роуз, и авторот на изложбата, проф. Георги Гоце Дуртаноски.

Дисертацијата конечно преведена на македонски во 2022 година

Овој значаен труд од Леонхард Мазинг конечно, 132 години по неговата инаугурација, беше преведен на македонски јазик од нашата сонародничка и лекторка по македонски јазик Бранислава Драговиќ во 2022 година како индивидуално издание, по децениското одбивање на државните институции да го објават ова капитално дело за македонистиката. Објавувањето на преводот од Бранислава Драговиќ под наслов „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти“ (дополнето издание кон дисертацијата од Мазинг од 1891 година) претставува драгоцен прилог кон историјата на македонскиот јазик и значаен прирачник за македонистите во светот.
Вечна му слава на Леонхард Готхилф Мазинг, кој ги отвори вратите за македонистиката во светот!