- Апелот на Софија до Европската Унија за помош и побараната
асистенција за организација на изборниот процес во Бугарија отвораат суштински прашања за институционалниот капацитет, демократската зрелост и кредибилитетот на Бугарија како членка на ЕУ, кои таа ги наметнува во односите со Македонија
Во еден речиси преседански чекор за земја членка на Европска Унија, Бугарија побара активирање на европските механизми за заштита на сопствениот изборен процес од странско влијание. Формално, ваквото барање е легитимно. Меѓутоа суштински, тоа отвора сериозни дилеми за капацитетот на бугарската држава самостојно да го гарантира она што претставува темел на секоја демократија – фер и слободни избори.
Демократија „на заем“
Барањето на Софија до Европска комисија (ЕК) и до Европска служба за надворешно дејствување да интервенираат во координацијата против дезинформации и странско влијание не е само технички чекор. Тоа е индикатор за системска слабост. Ако една држава не може самостојно да се справи со некаков вид закани, манипулации со јавното мислење и дигитални дезинформации во изборен контекст и чин што значи фундаментален дел на една демократија, тогаш прашањето не е дали бара помош, туку во каква состојба е самата функционалност на таа држава, што е доведена во позиција да мора да ја бара помошта. Извештаите, вклучително и оние на Центарот за проучување на демократијата, укажуваат дека Бугарија има „една од најпермисивните медиумски средини за дезинформации во ЕУ“. Ова не е акутен проблем на таа држава, туку една хронична долгорочна институционална ерозија.
Осум избори, нула стабилност
Фактот што Бугарија оди на осми парламентарни избори во пет години сам по себе е симптом на длабока политичка нестабилност. Конфронтацијата меѓу фигури како Румен Радев и Бојко Борисов не е само политички плурализам туку знак за нефункционален политички систем што не може да произведе одржлива власт. Во таков контекст, барањето за надворешна помош не изгледа како проактивна мерка, туку како нужност на систем што ја изгубил способноста за саморегулација. Тука доаѓа клучниот парадокс.
– Истата таа Бугарија, која демонстрира ограничен капацитет да го заштити сопствениот демократски процес, со години поставува политички и идентитетски услови кон нашата земја на нејзиниот пат кон ЕУ. Овие услови често излегуваат надвор од класичните европски критериуми (владеење на правото, економски реформи, институционална стабилност) и навлегуваат во сферата на историјата, идентитетот и јазикот, области што не се дел од acquis communautaire (акумулирани прописи и процедури од заеднички права, обврски, закони, регулативи, договори и судски одлуки што ги обврзуваат сите земји членки на Европската Унија). Од француски јазик преведено буквално, ова значи „стекнато од заедницата“, што ја претставува целата правна рамка на ЕУ што новите земји кандидати мора да ја усвојат и спроведат пред да се приклучат… н.з.). Затоа, јасно и гласно го поставувам прашањето: Со кој кредибилитет една држава со очигледни демократски слабости, во случајов Бугарија, поставува стандарди за друга – прашува нашиот соговорник, дипломат од кариера, исклучително искусен поранешен амбасадор во повеќе земји, сега во пензија.
Активирањето инструменти како системот за брз одговор во рамките на Законот за дигитални услуги покажува дека ЕУ располага со сериозни алатки за заштита од хибридни закани. Но тие се замислени како поддршка, а не како замена за националните институции. Кога тие стануваат еден од повеќето неопходни предуслови за функционирање на изборниот процес, тогаш веќе не станува збор за европска солидарност, туку за институционална зависност.
Европските механизми како патерица
Еден од можните одговори на бугарското однесување кон Македонија лежи токму во оваа внатрешна слабост. Историски, држави со внатрешни дефицити често се обидуваат да ги компензираат преку надворешна тврдост. Во тој контекст, блокадите, условувањата и реториката кон Скопје може да се читаат не само како билатерален спор туку и како рефлексија на внатрешна несигурност.
– Случајот со Бугарија е повеќе од нивен внатрешен проблем. Тој е тест за самата Европска Унија. Ако Унијата дозволи држави со ограничен демократски капацитет да поставуваат политички услови што излегуваат надвор од европските вредности, тогаш се доведува во прашање конзистентноста на целиот проект на Унијата – вели нашиот соговорник, дипломат.
На крајот, не станува збор за тоа дали Бугарија има право да бара помош. Секоја демократија има. Но кога истата таа држава бара помош за да организира избори, а истовремено дели лекции за демократија на соседите, тогаш проблемот веќе не може да се третира како технички, туку како суштински.
































