Фото: ЕПА

Софија се подготвува за странско влијание пред парламентарното гласање со висок влог во април

Бугарија побарала помош од Европската Унија за да се спротивстави на мешање од Русија во пресрет на изборите подоцна овој месец, според преписка во која имал увид „Политико“.
Во редок потег за една членка на ЕУ, бугарските власти минатата недела побарале од дипломатската служба на Унијата да помогне во откривање – и на крајот спречување – кампањи од странски актери за манипулирање на јавното мислење преку социјални мрежи и пропагандни веб-страници, користејќи европски пристап развиен како одговор на заканите од Русија и Кина.
Барањето на Бугарија е дел од напорите на владата да се справи со странско влијание. Министерството за надворешни работи на Софија, минатата недела формираше привремена единица за координација на одговорот за странско мешање и го ангажираше истражувачкиот новинар Кристо Грозев, познат по својата работа во онлајн истражувачката група „Белингкат“, како советник на единицата.
Владата се подготвува за можни обиди за влијание врз изборите пред парламентарното гласање на 19 април. Ова се осми избори во земјата во последните пет години и го спротивставува поранешниот претседател со левичарски наклон Румен Радев, кој води во анкетите, со искусниот лидер од центар-десницата Бојко Борисов.
Неодамнешен извештај на Центарот за проучување на демократијата наведува дека Бугарија „има една од најпермисивните информациски средини за недемократска злонамерна манипулација во ЕУ и една од најслабо подготвените институционални реакции“, предупредувајќи за активни мрежи на профили со руско влијание, кои имаат цел да создадат поделби.
Апелот на Софија вклучувал и барање за поддршка од дипломатската служба на ЕУ, Европската служба за надворешно дејствување (ЕСВД), која ја координира работата на европските безбедносни служби за откривање и анализа на кампањи од странски актери за манипулација со јавното мислење – механизам што најчесто се користи за заштита на соседни земји како Молдавија од мешање од Москва.
Софија исто така побарала ЕУ да активира процес наречен систем за брз одговор според Законот за дигитални услуги (ДСА), со цел да се координира со големите платформи како „Мета“, „Гугл“ и „Тик ток“ за откривање и запирање дезинформациски кампањи во тек. Европската комисија потврди минатата недела дека процесот веќе е започнат.
Бугарија побарала поддршка од ЕУ „имајќи го предвид зголемениот ризик од координирани дезинформациски кампањи и странско мешање што може да го поткопа интегритетот на изборниот процес“, се наведува во писмото испратено до Европската комисија и ЕЕАС.
Еден официјален извор запознаен со барањето, кој побарал анонимност, изјавил дека Бугарија „секогаш молчела за овие прашања и негирала дека има какво било мешање. Сега Министерството за надворешни работи е многу почувствително и го стави ова како приоритет“.
(ЕСВД) го користи својот инструментариум за странска информациска манипулација и мешање (ФИМИ) за споделување информации меѓу националните и европските власти што ги следат дезинформациите и мешањето, како и за координација на одговорите. Ова може да доведе и до јавно посочување странски актери за хибридни кампањи, па дури и со поддршка за санкции против групи што шират дезинформации.
Владата, исто така, се сретнала со претставници на „Тик ток“ во средината на март за да разговара за дезинформациите за време на изборната кампања.

– Бугарскиот изборен законик има строги правила за политичко рекламирање, но тие важат само за традиционалните медиуми. Голем дел од дезинформациите се префрлија онлајн – изјави Георги Ангелов, виш аналитичар во Сенсика.
– По тоа што го видовме во Романија, тоа е многу опасен тренд – додаде Ангелов, мислејќи на изненадувачката победа на речиси непознат анти-НАТО кандидат, Калин Георгеску, во ноември 2024 година, по обвинувања за координирана кампања на „Тик ток“. Компанијата постојано негира дека не управувала со ризиците соодветно во Романија.
Дипломатската служба на ЕУ во соопштение истакна дека е подготвена да ги поддржи земјите членки против дезинформации, „особено преку Системот за брзо предупредување за размена на информации во реално време“, кој активира аларми доколку безбедносните служби детектираат кампањи за дезинформација и е дел од ФИМИ-инструментариумот.
– Изборите се национална надлежност. Нивната организација и спроведување се целосно во рацете на земјите членки – нагласи службата.