Проектот „Сликите на вкусот (Frames of Flavours)“ објавува отворен повик за млади уметници и фотографи (18-35 години) од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Оваа регионална иницијатива го истражува дијалогот помеѓу генерациите и културите преку еден од најсилните заеднички јазици на Балканот – храната.
Локален партнер одговорен за спроведување на проектот во Македонија е Фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“, кој ја координира програмата и ги води локалните сесии за избраните македонски претставници во рамките на „Сликите на вкусот (Frames of Flavours)“.
Менторство од врвни професионалци
Избраните учесници ќе имаат можност да ги развиваат своите концепти под директно менторство на Сашо Алушевски (Македонија) и Звездан Манчиќ (Србија). Програмата на „Сликите на вкусот (Frames of Flavours)“ ќе се реализира во текот на април и мај преку хибриден модел на 8 работилници, кои вклучуваат работа на терен, индивидуални сесии и онлајн менторство.
Тема: Повеќе од рецепт
Проектот не бара само естетски фотографии од храна, туку визуелни приказни за ритуалите: месење леб, одење на пазар, семејни трпезарии и традиционално производство на вино и ракија. Целта на „Сликите на вкусот (Frames of Flavours)“ е преку објективот да се документираат односите кои се градат околу заедничката трпеза.

Регионална изложба во Скадар
Финалните трудови развиени низ „Сликите на вкусот (Frames of Flavours)“ (фотографии и документарен филм) ќе бидат претставени на голема регионална изложба во Скадар, Албанија, во мај 2026 година, каде македонските учесници ќе ги изложат своите дела заедно со врсниците од регионот.
Како да аплицирате?
Повикот за „Сликите на вкусот (Frames of Flavours)“ е отворен до 10 април 2026 (23:59 ч.). Заинтересираните можат да аплицираат со:
- Постоечка работа (фото-серија, есеј или архивски материјали) или
- Проектна идеја/концепт кој допрва би го развивале.
Апликацијата треба да содржи кратка биографија, опис на концептот и до 15 фотографии. Предлозите се испраќаат на: [[email protected]].
































