Фото: Официјален фејсбук профил на Володомир Зеленски

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска изјави дека Русија се обидува да ја искористи ситуацијата околу Иран за да се извлече од меѓународните санкции и да обезбеди дополнителни ресурси благодарение на флуктуирачките цени на нафтата и гасот.

– Детално ги анализираме достапните податоци за намерите на руското раководство да ја искористи ситуацијата околу Иран и евентуалното продолжување на американската воена операција. Всушност, ова е главната пресметка на Русија – да го зголеми ризикот од долгорочна војна на Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив, со цел максимално да го ослаби светскиот притисок врз Русија поради војната против Украина, да се извлече од режимот на партнерски санкции и да се добијат дополнителни ресурси благодарение на флуктуацијата на цените на нафтата и гасот –  напиша Зеленски на каналот Телеграм, откако доби извештај од шефот на Главната дирекција за разузнавање на украинското Министерство за одбрана, Олег Ивашченко, пренесува Укринформ.

Според него, постојат и податоци за намерите на руските власти да го покренат прашањето за целосно укинување на санкциите во енергетскиот сектор, пренесува МИА.

– Ги утврдуваме мерките на нашиот одговор и ќе ги информираме нашите партнери за тоа – рече украинскиот претседател.

Тој, исто така, им нареди на разузнавачките служби да ја интензивираат работата за ограничување на потенцијалот на рускиот воено-индустриски комплекс.

Цените на нафтата во текот на вчерашниот ден пораснаа за повеќе од 25 проценти, на највисокото ниво од средината на 2022 година, поради намалените испораки од големите производители и стравувањата од продолжено нарушување на поморскиот сообраќај поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.

Трамп синоќа изјави дека неговата администрација ќе се откаже од одредени санкции поврзани со нафтата за да ги намали цените.

Изјавата е дадена во време кога цените на нафтата растат откако САД и Израел го нападнаа Иран, а потрошувачите плаќаат сè поскапо гориво на пумпите, објави Си-Ен-Ен.

Трамп не прецизираше кои санкции ќе бидат укинати.

– Имаме санкции против некои земји. Ќе ги отстраниме тие санкции додека не се стабилизира ситуацијата – истакна тој.

Иран и Русија се меѓу земјите со најстроги санкции, а обете се богати со нафта.

Неодамна, Трамп ѝ одобри на Индија ослободување од царини, дозволувајќи ѝ да увезува повеќе руска нафта, како дел од трговскиот договор со САД, кој предвидуваше намалување на купувањата на Индија од Русија.