Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека тој и високите функционери ги анализирале можните последици од кризата на Блискиот Исток, од економијата и трговијата до безбедноста на границите.
– Од 28 февруари сме во состојба на висока готовност со сите наши единици. Ги мобилизиравме сите државни институции. Нашата главна цел е да ја држиме нашата земја подалеку од овој пожар – рече Ердоган по состанокот на кабинетот во Анкара, пренесува МИА.
Изјавата доаѓа откако НАТО претходно пресретна балистичка ракета лансирана од Иран кон Турција, додека расте загриженоста дека војната меѓу САД и Израел против Иран може да се прошири на целиот регион.
Турскиот претседател по состанокот на кабинетот изјави дека Техеран бил предупреден откако втора балистичка ракета влегла во турскиот воздушен простор, а потоа била пресретната од воздушната одбрана на НАТО. Тој додаде дека Анкара не сака потези што би фрлиле сенка врз „илјадагодишните соседски и братски врски“ со Иран, но и дека Турција ќе продолжи да презема дополнителни мерки откако во понеделник распореди шест борбени авиони Ф-16 во северен Кипар.
































