Повеќе од 80 борбени авиони извршиле бран напади врз воени локации, ракетни лансери и други цели во Техеран и централен Иран, соопшти денес Израелската армија.
– Повеќе од 80 авиони на израелските воздухопловни сили извршија уште еден бран напади врз инфраструктурата на иранскиот терористички режим – се вели во соопштението од ИДФ.
Од друга страна, иранската морнарица соопшти дека започнала „бран масовни напади со беспилотни летала“ против Израел и американските сили, објавија државните медиуми во Иран.
– Иранската морнарица започнала бран масовни напади со беспилотни летала против американските бази и окупираните територии (т.е. Израел, кој не е признат од Иран)“ – соопштија вооружените сили на Техеран, цитирани од официјалната новинска агенција ИРНА.
Нападнати се базата Ал Минхад во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), во која се сместени американски војници, база во Кувајт и „стратешко место“ во Израел, се додава во соопштението.
Тревога за напад утрово е објавена во ОАЕ поради воздушен напад врз аеродромот во Дубаи, каде што се слушнала силна експлозија, по што се издигнал столб од чад.
Властите во Дубаи потврдија дека имало „мал инцидент предизвикан од паѓање остатоци од проектил или беспилото летало, додавајќи дека никој не е повреден. Во исто време, тие ги негираа извештаите што циркулираат на социјалните медиуми за инциденти на меѓународниот аеродром во Дубаи.

































