НБА

  • Тој сега има најмногу постигнати поени од поле, од 2023 година е рекордер за вкупно најмногу поени, лани стана првиот играч што уфрли 50.000 поени во регуларната сезона и во плејофот заедно, а на пат е да постави уште еден рекорд, за одиграни мечеви…

Леброн Џејмс (41) го надмина Карим Абдул-Џабар за најмногу постигнати поени од игра во историјата на кошаркарската НБА-лига, во меч во кој Лос Анџелес лејкерс загуби од Денвер. Џејмс постигна 16 поени за ЛА лејкерс во поразот со 113-120, и сега има 15.842 поени од игра, Абдул-Џабар има 15.837, а трет е Карл Мелоун со 13.528 поени. Џејмс, кој ја игра својата 23-та сезона во НБА-лигата, во февруари 2023 година го надмина Абдул-Џабар како најдобар стрелец во историјата на НБА. Лани Џејмс стана првиот играч што уфрли 50.000 поени во регуларната сезона и во плејофот заедно, а сега има 43.127 само во регуларната сезона, пишува „Би-би-си“.
– Пораснав гледајќи, читајќи, идолизирајќи многу од великаните, и ако можев да бидам дел од НБА, сакав да се ставам во позиција да бидам именуван со некои од великаните правејќи нешто правилно. Тоа е мошне важен подвиг, но тешко ми е некако да го сфатам – рече Џејмс, четирикратниот најкорисен играч во НБА, пренесе „Би-би-си“.
Четирикратниот шампион е на пат да постави уште еден рекорд, бидејќи натпреварот во четвртокот беше негов 1.606-ти во регуларната сезона, значи има пет помалку од Роберт Париш. Џејмс годинава 22. пат беше избран за настап на олстар-натпреварот и вели дека не одлучил дали ќе продолжи да игра следната сезона.
Неговите колеги и олстар-играчи, Никола Јокиќ и Џамал ​​Мареј, постигнаа по 28 поени за Денвер, кој остана петти на табелата во Западната конференција, едно место над ЛА лејкерс. Второпласираниот Сан Антонио ја оствари својата 13-та победа во претходните 14 меча, а Виктор Вембањама се врати во врвна форма со 38 поени и 16 скока, во победата на Сан Антонио дома на дуелот со водечкиот тим во Источната конференција, Детроит, со 121-106, пишува „Би-би-си“. Г.И.