- Одобрените промени, кои ќе бидат имплементирани и на Светското првенство во фудбал и на други натпреварувања, директно одговараат на повиците од засегнатите страни низ фудбалската заедница, вклучувајќи ги и глобално репрезентативните советодавни панели на Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), за практични алатки за заштита на ефективното време за игра, пишува ИФАБ
На 140. годишно генерално собрание во Велс, Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) одобри нови правила дизајнирани да го подобрат темпото на натпреварите и да го намалат задржувањето време во текот на мечевите. Одобрените промени, кои ќе бидат имплементирани и на Светското првенство во фудбал и на други натпреварувања, директно одговараат на повиците од засегнатите страни низ фудбалската заедница, вклучувајќи ги и глобално репрезентативните советодавни панели на ИФАБ, за практични алатки за заштита на ефективното време за игра, пишува Меѓународниот фудбалски борд, кој ги поставува правилата во фудбалот на глобално ниво. Во продолжение следуваат дел од измените.
– Изведување аут и гол-аут. Надградувајќи се на широко прифатената промена во правилата од минатата година за да се спречат голманите да ја држат топката во раце предолго, членовите на собранието го потврдија проширувањето на принципот на одбројување на изедување аут и гол-аут. Ако судијата смета дека изведувањето трае предолго или е намерно одложено, ќе се почне со визуелно одбројување од пет секунди. Доколку топката не е во игра на крајот од одбројувањето, аутот ќе му биде доделен на противничкиот тим, а во случај на гол-аутот ќе биде досуден корнер за противничките играчи, пишува ИФАБ.
– Временски ограничени замени. За дополнително подобрување на текот на натпреварот, заменетите фудбалери мора да го напуштат теренот во рок од 10 секунди од прикажувањето на таблата за замени или, ако нема табла за замени, од сигналот на судијата. Ако играчот не го напушти теренот во тој рок, на замената нема да ѝ биде дозволено да влезе сѐ до првото запирање на играта по истекот на една минута.
– Третман и процена на повредени надвор од теренот. Ако фудбалерот добие процена на теренот за повреда, или неговата повреда предизвикала прекин на играта, од играчот ќе се бара да го напушти теренот и да остане надвор од него една минута откако играта ќе продолжи.
– Развој на протоколот за системот видеопомошник-судија (ВАР). Во однос на протоколот за ВАР, присутните на годишното собрание одобрија три измени. Ако има јасни докази, на ВАР сега ќе му биде дозволено да му помага на судијата во врска со црвени картони што произлегуваат од очигледно неточен втор жолт картон, потоа за погрешен идентитет, кога судијата казнува погрешен тим за прекршок што резултира со покажување црвен или жолт картон на погрешен играч, како и за јасно погрешно досуден корнер, под услов прегледот да може да се заврши веднаш и без одложување на продолжувањето на играта, пишува ИФАБ.
Меѓународниот фудбалски борд, исто така, се согласи да се спроведат испитувања за понатамошна процена на доцнењата со тактички повреди од страна на голманите и да се предложат опции за спречување на таквото однесување.
ИФАБ се согласи дека ќе се одржат консултации за да се развијат мерки за ситуации каде што играчите еднострано одлучуваат да го напуштат теренот, или службените лица на тимот поттикнуваат таква акција, како знак на протест против одлука на судијата, и кога играчите ја покриваат устата кога се соочуваат со противниците за време на натпреварите.
Учесниците на годишното собрание се согласија дека тестирањата за офсајд ќе продолжат и добија информации за развојот на полуавтоматизираната технологија за офсајд и за тековното тестирање предводено од Светската фудбалска федерација (ФИФА) за системот „фудбалска видеоподдршка“ (ФВП).
– Со овие одлуки, 140. годишно собрание, на кое присуствуваа претставници од ФИФА, фудбалските асоцијации на Шкотска, Велс, Ирска и администрацијата на ИФАБ се означи одлучувачки и напреден развој во обезбедувањето фудбалот да остане брз, фер и динамичен – пишува Меѓународниот фудбалски борд. Н.М.
Се очекуваат повеќе проби на системот „фудбалска видеоподдршка“
Пјерлуиџи Колина, директорот во Светската фудбалска федерација (ФИФА) за судиите, вели дека ќе има понатамошни проби на системот за проверка на судиски одлуки, како дел од двегодишната ревизија на системот видеопомошник-судија (ВАР), пишува „Би-би-си“.
Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) ја објави ревизијата на својот годишен генерален состанок, на 10-годишнината од првичното одобрување на тестирањата на системот ВАР.
Системот „фудбалска видеоподдршка“ (ФВП), кој им овозможува на тренерите да побараат две проверки по натпревар, веќе се тестира во Италија, Малта и во Шпанија. Колина, кој претседава со судискиот комитет на управното тело на светскиот фудбал, рече дека е веројатно дека тие проби ќе бидат спроведени и на друго место.
– Веројатно е дека во следните недели ќе ја отвориме можноста за приклучување кон пробниот период за следната сезона, на земјите членки и на организаторите на натпреварувањата – рече тој, пренесе „Би-би-си“. Н.М.































