Иранските вооружени сили соопштија дека започнале ракетни напади врз четири американски воени локации во регионот на Блискиот Исток – во Катар, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати. Според Техеран, операцијата претставува одговор на заедничките напади што САД и Израел ги извршиле врз цели на иранска територија.
Според иранската новинска агенција Фарс, меѓу погодените цели биле воздухопловната база Ал Удеид во Катар, Ал Салем во Кувајт, Ал Дафра во ОАЕ, како и седиштето на американската Петта флота во Бахреин.
Министерството за одбрана на Катар информира дека ракетите биле насочени кон катарска територија, но биле пресретнати од системите за противвоздушна одбрана. Очевидци во главниот град Доха пријавиле силни експлозии. Претходно во текот на денот, Министерството за внатрешни работи на Катар соопшти дека државата е „безбедна“, но дека внимателно ја следи состојбата по нападите врз Иран.
-Ситуацијата во Катар е стабилна и безбедна и во моментов нема индикации што предизвикуваат загриженост за внатрешната безбедност – соопшти Министерството.
Според извор, дел од персоналот на американската база во Катар бил евакуиран по претходните напади на Израел и САД врз Иран.
Во Кувајт биле активирани сирени за воздушна опасност, а во одредени делови биле слушнати експлозии. Во земјата се наоѓа седиштето на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ). Државната новинска агенција на Кувајт објави дека кувајтските сили пресретнале ракети во националниот воздушен простор.
Иранската државна телевизија претходно соопшти дека, како одговор на нападите на САД и Израел, е извршен ракетен удар врз седиштето на Петтата флота на САД во главниот град на Бахреин – Манама.
Силни детонации биле регистрирани и во Абу Даби, по што властите на ОАЕ информираа дека воздушниот простор е делумно и привремено затворен.
-Овој напад е грубо кршење на националниот суверенитет и меѓународното право, а ОАЕ го задржува правото да одговори на ескалацијата – се вели во соопштението на ОАЕ.
Американската амбасада во ОАЕ, како и дипломатските мисии на САД во Катар и Бахреин, воведоа мерки на изолација за својот персонал и ги повикаа американските државјани да останат во своите домови до понатамошни инструкции.
Според медиумски извештаи, експлозии биле слушнати и во Ријад. Во меѓувреме, Сирија делумно го затвори воздушниот простор на југот од земјата, во близина на израелската граница.
Тензиите дополнително ескалираа откако САД и Израел започнаа напади врз повеќе локации во Иран, вклучително и во главниот град Техеран. Како одговор, иранските сили лансираа бран ракети кон Израел, со што конфликтот влезе во отворена фаза.

































