По повод 28 Февруари – Меѓународниот ден на ретките болести, како и по завршувањето на осмата сезона од проектот „Ги запознаваме ретките болести“, чија цел е подигнување на јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат пациентите со ретки болести и нивните семејства, министерот за здравство Азир Алиу испрати порака за системски промени во обезбедувањето терапија.
Тој нагласи дека Министерството за здравство нема да дозволи ниту еден пациент со ретка болест да остане без неопходните лекови ниту еден ден, пренесе МИА.
Во таа насока, информираше дека е изменета постапката за набавка на лекови за пациентите со ретки болести. Наместо досегашната пракса на годишни постапки, отсега ќе се применува тригодишна процедура, со цел да се избегнат доцнењата што се случуваа во изминатиот период.
-Првпат во нашата држава отвораме тригодишна постапка. Секоја година пациентите со ретка болест со задоцнување ги добиваа лековите или, за жал, чекаа по една недела или еден месец. Земајќи го предвид моментот дека пациентите се млади, а лековите се поврзуваат со тежината на пациентот, многу тешко е да се направи анализа која ќе биде точна за бројот на пациенти што ќе бидат опслужени во текот на целата година. За таа цел, методологијата се смени и сега веќе отвораме постапка за три години. Во случај ако се трошат повеќе од количините што ги има државата, ние да имаме време да отвориме друга постапка, се со цел граѓаните да ги добиваат лековите навреме. Тендерската постапка ќе биде за три години, односно ќе се користат толку количини за колку што имаме потреба во државата – посочи Алиу.
Со новиот пристап, институциите ќе имаат поголема флексибилност и можност навремено да реагираат доколку се појави зголемена потреба од одредени терапии. Целта е да се воспостави стабилен и предвидлив систем на снабдување, кој ќе гарантира континуитет во третманот.
На крајот, министерот упати уверување до пациентите и нивните семејства дека можат да бидат спокојни, бидејќи државата и Министерството за здравство нема да дозволат прекин во обезбедувањето на лековите за лицата со ретки болести.

































