КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029

  • Македонија во првите две средби во овие претквалификации ги совлада Азербејџан и Република Ирска, а две победи забележа и Луксембург, со кој Македонија ќе игра в петок, во Скопје

Мислам дека треба да продолжиме да ја градиме нашата тимска игра, нашата хемија, а сега, со помош на новиот селектор, да го поставиме тој систем на игра. Краток е периодот за подготовка, ама мислам дека ќе успееме, вели македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Јакимовски (24), пред мечевите со Луксембург, в петок (18 ч., сала „Градски парк“ во Скопје), а потоа и со Азербејџан, на гости, во Баку, на 2 март, во претквалификациската група А за пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година.
Тој на првите две победнички средби од овој циклус, со Азербејџан и со Република Ирска, постигна 51 поен и е прв стрелец во нашиот национален тим.
– Досега не сме играле со Луксембург, кој има многу добри играчи. Очекувам добар натпревар, а нашиот фокус е насочен на нас, да ја подобриме нашата игра како што го направивме тоа во претходниот циклус – вели Јакимовски.
Машката репрезентација на Македонија продолжува со тренинзите, со новиот селектор, Жозеп Мариа Берокал од Шпанија.
– Супер сме. Како што селекторот кажа, сака брза игра во транзиција. Поставиме неколку напади, поставивме и систем во одбрана, со интенција да имаме брза игра. Но периодот за тоа е краток, не може да се постават повеќе работи во овие три-четири дена. Се надевам дека во наредниот циклус за време на летниот период ќе може да тренираме повеќе и селекторот да го постави својот стил на игра – рече Јакимовски.
Македонија во првите две средби во групата А ги совлада Азербејџан и Република Ирска, а две победи забележа и Луксембург. Победникот на секоја од четирите групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат пласман во квалификациите на ЕП 2029. Г.И.