Тренд на пораст на македонски купувачи на недвижности во Северна Грција
Официјалните податоци покажуваат дека грчкиот пазар на недвижности продолжува со силен раст на инвестициите, но во исто време станува сè потешко достапен за локалното, грчко население. Сега инвестициите во недвижности доаѓаат од регионот, најчесто од Македонија и Србија.
Американско-грчката стопанска комора предупредува дека зголемувањето на цените и ограничената понуда сериозно ја намалуваат пристапноста до домување, поради што се наметнува потребата од мерки за зголемување на достапноста на локалното население.
Иако цените на недвижностите во Грција значително пораснаа во последните години, земјата сè уште е меѓу оние со релативно умерен кумулативен раст на подолг рок – главно како последица на долгогодишната економска криза. Сепак, силниот туризам, зголемениот интерес на странските инвеститори и стабилната домашна побарувачка продолжуваат да го обликуваат пазарот, оставајќи голем број предизвици пред секторот.
Северна Грција во фокусот на македонските купувачи
Граѓаните од регионот, особено од Македонија и Србија, како и добар дел од дијаспората од Европа, сè поактивно се појавуваат на грчкиот пазар на недвижности. Тие не се само купувачи за лична употреба туку и инвеститори што купуваат станови и куќи за понатамошна препродажба или изнајмување.
Најизразен раст бележи делот на Егејска Македонија, односно северот на Грција – пред сè Халкидики и пошироката област на Солун. Од 2020 година наваму, цените таму растат со годишна стапка од 10 до 15 проценти, а интересот од купувачите постојано се зголемува. Според достапните податоци, во текот на последната година, покрај купувачите од Македонија и Србија, значително поактивни станале и купувачи од Русија и Украина, што дополнително ја зголеми конкуренцијата.
Денес за еден атрактивен имот често се натпреваруваат и по десетина заинтересирани купувачи, додека пред неколку години имало само двајца или тројца.
Ограничена понуда, нагорни цени
Побарувачката е голема, а понудата ограничена – комбинација што неизбежно води кон раст на цените. Агентите за недвижности посочуваат дека стан што пред три години чинел околу 70.000 евра, денес се продава за околу 110.000 евра.
Иако постојат делови од грчкото крајбрежје со поповолни цени, како јонското крајбрежје и регионот од Лефкада до Сивота, тие не се во фокусот на купувачите од Македонија поради поголемата географска оддалеченост.
Кога станува збор за цените по квадратен метар, во Солун тие моментално се движат од 1.800 до 3.500 евра, во зависност од локацијата и состојбата на објектот. Токму овој град е особено привлечен за купувачите од Македонија, бидејќи овозможува релативно лесно изнајмување во текот на целата година – и долгорочно и на дневна основа.
Раст на продажбата се забележува и во туристичките населби во непосредна близина на Солун – Переја, Неа Епиватес и Агија Тријада. Овие места се поврзани со јавен превоз и административно припаѓаат на поширокото градско подрачје, што ги прави особено погодни за целогодишно издавање.
Сè помалку евтини имоти
Директорот на претставништвото на грчката агенција „Грекодом“ посочува дека пред неколку години имало значително повеќе недвижности во ценовниот опсег од 50.000 до 100.000 евра, додека денес таквите понуди се ретки. Просечната вредност на трансакциите сега се приближува до околу 150.000 евра.
Според него, побарувачката најчесто се дели на две категории: помали станови од околу 50 квадратни метри со една спална соба, кои се купуваат првенствено за издавање под наем, и нешто поголеми имоти од околу 70 квадратни метри со мал двор, кои најчесто се наменети за лична употреба.
Скриени трошоци при инвестирањето во недвижности во Грција?
Според некои инвеститори со кои разговаравме, купувачите од Македонија или од регионот, покрај цената на самиот имот, мора да сметаат дека постојат и други трошоци што се јавуваат задолжително натаму, во процедурата.
Имено, треба да се пресметаат и дополнителни трошоци од осум до десет проценти од вредноста, кои вклучуваат даноци, такси и провизии – трошоци што се разликуваат од оние во соседните земји.
Цените по квадратен метар моментално изнесуваат околу 2.500 евра за постари објекти и од 3.000 до 3.500 евра за новоградба. Во Олимпискиот Регион тие се нешто пониски и се движат околу 2.000 евра по квадрат.
Според процените на „Грекодом“, Солун е исклучително атрактивен за инвестирање, бидејќи становите лесно се издаваат под наем.
Просечниот годишен поврат на инвестицијата, по одбивањето на сите трошоци, се движи помеѓу пет и шест проценти. Анализите покажуваат дека слична заработка може да се оствари и со целогодишно изнајмување стан во Солун и со сезонско изнајмување имот покрај море – дилема со која сè почесто се соочуваат купувачите од Македонија. Е.Р.


































