Јазична патрола (4)
Во текот на февруари, најкраткиот месец во годината, ние, членовите на мултимедијалниот клуб „К“, направивме истражување и фотографиравме написи на интернет и натписи низ градот Прилеп за да откриеме дали правилно се пишуваат наводниците. Од вкупно четириесет фотографирани натписи, утврдивме дека само шест се точни, а триесет и четири се погрешни. Осум погрешни натписи најдовме кај здравствените установи, деветнаесет кај државните институции, пет на други места низ Прилеп, како и два погрешно напишани написи на интернет.
Ова истражување планиравме да биде пообемно, но кога видовме дека уште на почетокот на истражувачки процес има многу грешки, прекинавме со големо чудење и разочарување. Особено поради тоа што и во училиштата, библиотеките и во други државни институции не се почитува правилото за употребата на наводниците.
Ајде да научиме како треба
Наводниците се интерпункциски знаци. Со нив се обележуваат зборови, изрази, реченици и состави од реченици. Влезните наводници („) се пишуваат долу во почетокот, а излезните (“) горе на крајот на исказот, цитатот, директниот говор и сл. Наводници се пишуваат кога се издвојуваат цитати, нечии искази што се претставуваат директно, онака како што се искажани или напишани.
Од она што го согледавме на терен, најчесто и погрешно се јавуваат ваквите наводници “…” и ние сметаме дека многу луѓе ги пишуваат така поради влијанието од странските јазици. Во англискиот јазик наводниците се пишуваат горе и немаат форма како нашите запирки, туку се како мали коси линии.
Исто така имаме промена на местата на влезните со излезните наводници и обратно.
Можеби некои од написите наинтернет може да ги оправдаме бидејќи на тастатурите на телефоните нема македонски наводници или поради неукоста да се инсталира македонска поддршка. Но во никој случај не ги оправдуваме погрешните наводници на рекламите низ градот.
Како да се помогне?
Иако ние веќе го направивме тоа на некои места и ни рекоа дека „препечатувањето на рекламите, панелите е скапа работа и институцијата не може да си го дозволи“, тој одговор не ни се допадна, исто како што не ни се допадна немањето одговорност дека се прикажува невистина.
Тоа лесно може да се реши со еден граматички трик: долу се две деветки, а горе две шестки. Или гледај ги влезните наводници како две запирчиња што решиле да направат стој на раце, па го превртеле главчето надолу (излезни наводници).
Грижата за јазикот треба да биде на прво место. Апелираме до институциите да ги коригираат грешките. Не може на најубавата библиотека во нашиот град да стојат погрешни наводници, како и во имињата на училиштата, тоа мора да се промени!
Институциите што се задолжени за заштита и чување на македонскиот јазик треба да најдат начин како да се олесни преку мобилните телефони да се пишуваат точно наводниците, па дури и по цена на промена на знакот, како што се случи со знакот за акцент, но тоа да биде општо прифатено правило и да го знаеме сите!
Ние самите треба да бидеме пример и да се трудиме да го користиме јазикот правилно. Незаинтересираноста понекогаш е полоша од неписменоста!
Подготвиле: учениците од мултимедијалниот клуб „К“, ООУ „Климент Охридски“-Прилеп, под менторство на наставничката Јулијана Талеска


































