Интерактивен час по македонски јазик
Минатиот петок (20 февруари), спроти одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, писателката за деца и возрасни Јадранка Клисарова се сретна со третоодделенците од две основни училишта во Кочани: „Св. Кирил и Методиј“ и „Никола Карев“. Таа им го претстави своето творештво за деца, а пред сѐ книгата „Децата од моето училиште“, која ја обработуваат како лектира. Посетата ја организираше книгоиздателството „Тримакс“ од Скопје.
Јадранка Клисарова и на двете средби на близок и разбирлив начин воспостави топла комуникација со учениците, откривајќи им некои важни моменти од својот живот и творештво. Потоа сите заедно низ прашања и одговори разговараа за расказите во книгата, која стана омилено четиво во основните училишта во земјава. Па така, дознавме дека децата се соживеале со ликовите, оти ги сфатиле пораките од книгата, која ја читале и на одморите, а некои од нив открија дека и самите би сакале да напишат некое литературно дело. За нивото добро однесување и интерес кон литературата секако заслуга имаат и нивните наставници, но и сите вработени во овие две училишта, кои направија сѐ средбите со Клисарова да минат во најдобар ред, а децата да имаат убав спомен од интерактивниот час посветен на обработката на нивната омилена лектира.
Настанот најде местото и на интернет-страниците на двете училишта, каде што со збор и слика беше пренесена убавата, креативна атмосфера.
М.Т.
„Колибри“ другаруваше со ученици од ОУ „Никола Карев“
Бидејќи додатокот за деца „Колибри“ секогаш е присутен онаму каде што се одвиваат активности наменети за ученици, во петокот другарувавме со третоодделенците од ООУ „Никола Карев“ во Кочани, во просториите на училишната библиотека. За реализацијата на настанот ни помогна Љупка Стојменова. Таа не само што се грижи за активностите во библиотеката, во која патем има фонд од над 2.000 книги, туку и самата е иницијатор за одржување интересни настани и работилници.
Ние им поделивме на децата весници „Нова Македонија“, објаснувајќи им дека секој вторник, веќе 68 години, во прилогот „Колибри“ има содржини наменети токму за нив. Секако, се потсетивме и на долгогодишната соработка со ова училиште, која се надеваме ќе продолжи и во иднина. Исто така на симпатичните и љубопитни момчиња и девојчиња им дадовме и задача, да напишат песна, состав или да нацртаат цртеж за најмалата, но најбрза и најсилна птица на светот, секако тоа е колибри! Сигурни сме дека во реализацијата ќе им помогнат нивните наставнички, а ние со задоволство ќе ги објавиме испратените дела на нашите страници.
М.Т.
Литературно катче
Мајчиниот јазик е со мене
откако знам за себе.
Во прегратки го носам
уште кога бев бебе.
Со јазикот на мојата мајка
ѝ кажувам колку ја сакам,
но и на непознато другарче
му подавам рака.
Создавам стихови
и песни творам
за мајчиниот јазик да допре
до сечие срце
– за тоа се борам.
Да го чуваме, негуваме
и цврсто да веруваме
дека нашиот јазик
е она што сме ние −
и тоа со гордост да се каже, не да се крие.
Автор: Неда Стрезоска,
4-3 одделение
ООУ „Љубен Лапе“ – Скопје
Ментор: Маја Младеновска



































